Култура

Откриен е цртеж на Леонардо Да Винчи под неговото ремек дело

Под една од најпопуларните слики „Богородица на карпите“, повеќе од 500 години биле скриени почетни потези кои прикажуваат ангел и Исус како бебе

петок, 16 август 2019

Откриен е цртеж на Леонардо Да Винчи, скриен повеќе од 500 години под една од неговите најпопуларни слики „Богородица на карпите“, соопштуваат од Националната галерија во Лондон.

Експерти од Лондонската национална галерија го анализирале делото и откриле дека Леонардо го започнал, а потоа го оставил цртежот, пред да отпочне да го слика познатото дело кое предизвикува восхит со векови.

„Откриени се почетни потези кои прикажуваат ангел и Исус како бебе на сликата, како и отпечаток од раката на уметникот или асистентот“, пренесува Си Ен Ен.

Експертите наведуваат дека е воочливо дека „Леонардо го променил аголот на главата на бебето Исус и дека таа се гледа од профил, како и дека ги отстранил локните коса, отстапил од првичната композиција на двете фигури и ги подигнал, повеќе го открил лицето на ангелот и повеќе го доближил до Богородица“.

Од галеријата велат дека цртежот е откриен затоа што е работен со материјал кој содржи цинк, кој е видлив под икс-здраци, како и со помош на нови хиперспектрални снимки.

Годинава се одбележува 500-годишнината од смртта на Да Винчи, една од најистакнатите фигури во светската уметност. Галеријата ја најави изложбата „Леонардо: Искуство и ремек дело“, која ќе биде отворена во ноември.
 

Содржината е прочитана 360 пати.