Бизнис вести

ОИЛКО со приход од 3,2 милиони евра во првите шест месеци

Пораст на вкупниот приход од 6,1 отсто во однос на првото полугодие лани бележи и „Макпетрол“АД Скопје

среда, 14 август 2019

Транспортната компанија за превоз на запаливи материи ОИЛКО во првите шест месеци годинава остварила приход во висина од 196,9 милиони денари, или 3,2 милиони евра, што е за 13 отсто повеќе во однос на од истиот период лани, покажуваат објавените биланси на компанијата.

Во споредба со лани годинава приходите од продажба се зголемени за речиси 360.000 евра. На домашен пазар приходите пораснале за 248.000 евра и изнесуваат 2,92 милиони евра, додека продажбата надвор од земјава изнесува околу 110.000 евра.

Во првата половина од годината се зголемиле и расходите на компанијата и изнесуваат 182,6 милиони денари, односно 2,97 милиони евра. Најголема расходна ставка се трошоците за бруо плата кои се речиси еден милион евра и трошоците за суровини и други материјали кои изнесуваат околу 950.000 евра. Амортизацијата е околу 450.000 евра.

Во овој период ОИЛКО има остварено оперативна добивка во висина од 232.000 евра, што е безмалку три пати повисока од оперативната добивка во првото полугодие лани, а исто толку е поголем и профитот, поточно, нето добивката за половина година изнесува 202.000 евра.

Сосема очекувано, раст на приходот во првите шест месеци годинава бележи и најголемиот поединечен акционер во ОИЛКО, компанијата „Макпетрол“ АД Скопје, со вкупен приход во износ од 10,5 милијарди денари, што претставува пораст од 6,1 отсто во онос на лани. Во структурата на приходите на „Макпетрол“ најголем удел имаат приходите од продажба – 98,5 проценти. Во истиот период се остварени вкупни расходи во висина од 10,2 милијарди денари, што претставува зголемување за 7,3 отсто во однос на минатата година.

На крајот на првото полугодие годинава „Макпетрол“ АД Скопје имаше добивка од околу 3,8 милиони евра.
 

Содржината е прочитана 33 пати.