Интервјуа

Интервју со д-р Весна Игњатовиќ, сопственик и генерален менаџер на ординацијата ДООЕЛ и ПЗУ „Др ВАИС“

Визионерот мора да има „авионска“ перцепција односно да се издигне над мигот, да ја согледа целата слика и да предвиди одредени ситуации кои мора подготвено да ги дочека. Затоа „ископајте бунар пред да ожедните“.

вторник, 07 април 2015

Во рамките на „Др ВАИС“ се работат повеќе гранки од естетската медицина, како што се: козметологија (нега и лечење на kожата на лицето и на телото), капилитологија (нега и лечење на кожата на глава и коса) и подологија (нега и лечење на кожа на стопала и нокти).
Подигнувањето на своето енергетско ниво го зголемува квалитетот на позитивните мисли и успехот е неминовен, зошто „какви ти се мислите – таков ти е животот“.
Најголемата победа и „освета“ е кога на ситуациите кои во вашиот живот можат да бидат огромен губиток и пораз и да делуваат деструктивно, вие да одговарите со успех кој уште повеќе ја зајакнува вашата самодоверба.

МАРИЛИ: Д-р Весна, Вие сте родена во Скопје, по мајка сте Македонка, по татко Србинка, но потекнувате и од лекарско семејство. Како овој балкански спој и семејна докторска традиција влијаеше на Вашиот професионален пат?
ИГЊАТОВИЌ:
Кога завршив медицина нормално дека тоа беше во гените, татко ми и мајка ми лекари, а подоцна и сестра ми фармацевт, имав желба да се бавам со нешто убаво во медицината, односно тоа што е здраво да го направам и убаво. Никогаш не се задоволував со добро, секогаш сакав да биде одлично. Мене не ми беше доволно да е нешто здраво, кожата да е здрава, туку ми требаше да ми биде и убава, односно да не старее и да биде вечно убава, ако е тоа можно. Пред 25 години кога запловив во водите на естетската медицина, ја споив убавината со здравјето. Тогаш, козметологијата беше непознат поим, односно таа постоеше само во Париз, и затоа јас по завршување на факултетот таму поминав 2 години во усовршување во областа на козметологијата. Така, јас бев еден од првите лекари од естетска медицина и прв козметиолог во Србија. И до ден-денес во рамките на медицината кај нас не постои специјализација од областа на козметологијата. Првиот салон за естетска медицина го отворив во Ниш, а потоа ја формирав својата фирма во Скопје, потоа во Ниш и во Белград. Името на фирмата „Др ВАИС“ е во суштина мојот анаграм д-р В-Весна, А-Александра, И-Игњатовиќ, С-Стојиљковиќ. Денес, во рамките на „Др ВАИС“ се работат повеќе гранки од естетската медицина, како што се: козметологија (нега и лечење на кожата на лицето и на телото), капилитологија (нега и лечење на кожата на глава и коса) и подологија (нега и лечење на кожа на стопала и нокти).

МАРИЛИ: Колку Вие како жена лидер успешно влеговте во приватните води и како сѐ уште успешно опстојувате со сите три центри?
ИГЊАТОВИЌ:
Во времето кога јас запливав во приватните води немаше компас за успешна пловидба во вид на книга, семинар или менаџерски едукации за да се пронајде патот кон успехот. Цело ова време се потпирав само на сопствените рецептори за вистинските работи. Работам на себе и не дозволувам никој да ми ја смени позитивната енергија и тој позитивен став кон сѐ, главно ги отворам сите врати и ги репрограмирам сите „негативци“ во околината. Високото ниво на самопочитување и самодоверба кое го носам во себе се сржта на мојата безгранична енергија, ентузијазам и моќ да ги прифаќам предизвиците. Спремна сум и на грешки од кои ќе извлечам поуки за следните чекори, затоа што искуството е единствениот учител кој нас нѐ води кон мудроста. Сѐ во животот зависи од енергетскиот потенцијал и предзнакот кој таа енергија го носи. Со ослободување на теретот на негативната енергија (лоши навики, лоша исхрана, лош брак, лоша работа...), односно со отфрлање на теретот се ослободува нова количина на позитивна енергија која била потисната и служела за трошење на решавање на проблеми, тогаш успехот значи успешен трансфер на позитивната енергија без оглед дали нејзиниот избор е физички, емоционален, ментален или духовен. Подигнувањето на своето енергетско ниво го зголемува квалитетот на позитивните мисли и успехот е неминовен, зошто „какви ти се мислите – таков ти е животот“. За време на студиите на медицина кога не постоеа ни термини како што е „естетска медицина“, кога јас зборував за своите планови и стратегии за успорување на процесот на стареење, сите ми зборуваа дека сум сонувач. Денес, тие истите ми велат дека сум визионер. За разлика од многумина кои само сонуваа и критикуваа, јас непрекинато учев и работев, а енергијата и силата ја црпев од моите сопствени убедувања и поддршката на оние кои веруваа во мене: татко ми, мајка ми, синот, пријателите, соработниците и пациентите. Човек мора да знае што сака, а не што не сака. Единствено така функционира законот на привлечност, и космосот како бумеранг ви го враќа уште повеќе тоа што го сакате. Визионерот мора да има „авионска“ перцепција односно да се издигне над мигот, да ја согледа целата слика и да предвиди одредени ситуации кои мора подготвено да ги дочека. Затоа „ископајте бунар пред да ожедните“.

МАРИЛИ: Колку успехот на Вашата компанија зависеше и од изборот на тим на Ваши соработници?
ИГЊАТОВИЌ:
Сите мои сорботници се здравствени работници. Нема курсеви, приучени, се избираат само најдобрите и тоа е исто така една од тајните на мојот успех. Моите соработници се речиси со ист ментален склоп како и јас, нивната ментална хигиена е беспрекорна, сите тие имаат перфектна хомеостаза – рамнотежа помеѓу духот и телото. Тоа е мојата порака до сите професионалци, дека работниот кадар не треба да се бира по фамилијарни врски или работни привилегии, туку според компатибилноста на фирмата. Денес сум опкружена со 16 извонредни, убави, паметни и способни жени и не сум шовинистка, но во оваа работа во областа на естетската медицина, жените се тие кои го даваат својот максимум. Сѐ што сме успеале е благодарение на нашиот мозок, нашата љубов кон работата и нашата оперативност.

МАРИЛИ: Напишавте и книга со која им помогнавте и на мажите кои имаат проблем со косата.
ИГЊАТОВИЌ:
Да, за мене тоа беше чест и задоволство да ја пишувам книгата заедно со Професор Кнајтнер, бидејќи медицината напредува и услугите кои некогаш биле занаети денес се наука. И оваа област ја обработуваме и од аспект на дерматологија и од аспект на онкологија, односно кога нема можност да расте коса за што постојат и нови решенија, а тоа се капиларни протези и капиларни системи.

 МАРИЛИ: Колку беше тешко да се биде успешна жена менаџер и да се опстои на врвот цели 25 години?
 ИГЊАТОВИЌ: Да, навистина е тешко, но мора да имате таков ментален склоп работата да ви биде задоволство, а не терет. Лесно е да се биде прв, но тешко е да се остане прв. Лесно е да блескаш како ѕвезда на професионалното небо, година или две. Но, 25 години да се остане ѕвезда-водилка и денес да бидеме пример за многу генерации, тоа за мене е голем успех. Од друга страна оние кои ме знаат приватно, знаат дека јас навистина сето тоа сама го направив. Несметајќи ја помошта на самиот почеток од родителите, оние градежни работи околку козметичкиот салон, сите други завршни работи и отворањето на центрите во Ниш, во Београд, и во Македонија - во Кочани и во Скопје, каде што е понуден врвен квалитет, сето тоа е заслуга на тимот на „Др Ваис“ на чело со мене. Јас просто не се плашев да истрчам на конкурентниот терен на прволигашите. Знаев дека ќе го добијам натпреварот, бидејќи бев свесна за своите квалитети. Свесна сум за тоа затоа што долги години инвестирав во себе. Мене и денес најголеми инвестиции ми се оние кои не се видливи, а тоа се човечките ресурси. Сметам дека успехот доаѓа одвнатре. Нашата емоционална интелигенција ја одразува нашата зрелост односно способност да воспоставиме контрола над себе наспроти проблемите и препреките. Најголемата победа и „освета“ е кога на ситуациите кои во вашиот живот можат да бидат огромен губиток и пораз и да делуваат деструктивно, вие да одговарите со успех кој уште повеќе ја зајакнува вашата самодоверба. Високото ниво на самопочитување и самодоверба кои го носам во себе, се сржта на мојата безгранична енергија, ентузијазам и моќ да ги прифатам предизвиците.

МАРИЛИ: Се вели дека позади секој успешен маж стои жена, а кој стои позади Вас?
ИГЊАТОВИЌ: Позади секој успешен маж најчесто секогаш стои успешна жена, но позади успешна жена главно стои само нејзината љубов кон тоа што го работи. Јас немам никој кој стои позади мене, но имам многу од оние кои одат по мене верувајќи во она што го работиме, а тоа се моите соработници и моите пациенти. Секогаш ја користам можноста да им се заблагодарам за тоа, зошто да не се тие и јас не би била она што сум. Но, ако ме прашувате што е главниот извор на мојата бескрајна и неисцрпна енергија, со која дури и процесот на стареење го репрограмирам наназад, тогаш ќе ви кажам дека се тоа мојата мајка, сестра и сржта на тој генератор – мојот син Александар, кој е мојот најголем животен успех. Како што јас после смртта на татко ми одлучив ЈАС да бидам живиот споменик кој тој го заслужува, а не црниот мермер, така се надевам дека и Александар ќе остане на вистинскиот пат кон својата цел и дека целата моја интелектуална и емотивна инвестиција во него ќе се изроди во еден квалитетен човек и професионалец кој засега ги има истите желби како и неговите предци, да биде лекар и да им помага на луѓето во одржувањето на нивното здравје и убавина.

МАРИЛИ: Која е Вашата порака?
ИГЊАТОВИЌ:
Да се биде успешна жена и лидер во својата работа значи многу повеќе од поседување на талент, работа, харизма, визија и добра комуникација. Не е доволно да бидете прв во нешто, туку да бидете најдобар. Но, притоа да не ги уништите своите корени кои треба да лежат во општата корист и добро за сите, т.е. во хуманоста водена од основните постулати на Хипократовата заклетва „да му се помогне на човекот“. Мислам дека секој човек треба да работи и на себе за да ја зголеми својата вредност. Со тоа што човекот инвестира во себе кај него расте неговата самодоверба. Само личност која има самодоверба може да биде храбра за големи дела. Ако во сето тоа се додаде и љубовта кон работата, тогаш страв од неуспех нема.

 

Содржината е прочитана 766 пати.