МАКЕДОНИЈА

Усвоен мораториум на градбите во Охрид според препораките на УНЕСКО

Од денеска се воведува привремен прекин на спроведување и донесување урбанистички планови, урбанистичко–плански документации на проекти, а привремено се прекинуваат и сите нови постапки за издавање одобренија за градење, за надградба и доградба после стапување во сила на оваа одлука

четврток, 08 август 2019

Советот на Општина Охрид денеска ја усвои предлог-одлуката за мораториум на градење и донесување урбанистички планови, како и на легализација на објекти до донесување на Планот за управување со светскиот природно и културно наследство на Охридскиот регион, или најдоцна до 1 февруари идната година. Мораториумот е изгласан со 20 гласа „за“ и двајца воздржани.

Со оваа одлука практично се усвојуваат препораките што ги донесе Владата на 23 минатиот месец, препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески ја поздрави одлуката на советниците да се поддржат активностите во насока на зачувување на заштитениот статус на градот под УНЕСКО.

„Тоа значи дека од денеска се воведува привремен прекин на спроведување и донесување урбанистички планови, урбанистичко –плански документации на проекти на територијата на Општината. Исто така, привремено се прекинуваат сите нови постапки за предмети кои се однесуваат на издавање одобренија за градење, за надградба и доградба после стапување во сила на оваа одлука. Сите постапки со добиено правосилно одобрение на градење можат да продолжат со реализација“, рече Георгиески.

Опозицијата во Советот најави дека ќе ги поддржи сите активности што се во интерес на градот, граѓаните и заштитениот статус во УНЕСКО.

Кирил Пецаков, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ рече дека реалноста налага градот под итно да стори нешто за зачувување на брендот што го носи статусот во УНЕСКО.
 

Содржината е прочитана 275 пати.