Интервјуа

Интервју со Г-ѓа Марија Георгиевска, уредник и водител на економската емисија Профит на Наша ТВ

Убаво е кога пред вас седи успешна и силна жена менаџер, а вашата улога е да ја поддржите, со тоа што ќе го покажете пред гледачите нејзиниот успех, енергијата која ја носи,да го извлечете тоа од неа преку разговорот.

понеделник, 20 април 2015

Марили: Г-ѓа Георгиевска, емисијата Профит сериозно ги третира темите за жените менаџери, какви се Вашите искуства во текот на снимањата, комуникацијата со менаџерите, како ги доживувате жените менаџери?
Георгиевска:
Возбудливи, секогаш исполнети со многу енергија .Тоа , за мене, во улога на водител го дава поголемиот предизвик, да се истакне најдоброто од нив, да се стави пред публиката, гледачите. Убаво е кога пред вас седи успешна и силна жена менаџер, а вашата улога е да ја поддржите, со тоа што ќе го покажете пред гледачите нејзиниот успех, енергијата која ја носи,да го извлечете тоа од неа преку разговорот.Она што особено поттикнува е задоволството кога жената менаџер зборува за својот успех, а во тоа гледате како од една идеја, која била проткаена и проследена со многу стравови, неизвесност, дилеми да се тргне или не, да започне бизнис или не, дилеми со себеси, со околината. Помислата дали ќе успеам, како ќе ме прифатат, што ако не успеам, како ќе го надминам мојот неуспех, како ќе го прифати тоа околината.Дали сопругот ќе ме поддржи, итн., итн., безброј прашања кои поминуваат низ мислите на една жена.Но, на крајот сфаќате дека успеала, веќе има компанија, креира производи, има вработени, ја продава својата приказна преку производите низ светот, верувајте и јас се радувам зедно со успехот на секој мој соговорник.Особено кога е жена.

Марили: Вие и Вашата емисија Профит сте наградени за особен придонес и поддршка на жените менаџери, како ја прифативте наградата?
Георгиевска:
 Многу ме изненади препознавањето на мојата позитивна идеја, мисија која долги години се обидувам да ја внесам во емисијата Профит. Марили покажа дека знае да го препознае квалитетот и упорната работа на поединецот со својот тим. Ова признание само дополнително ме мотивира да продолжам со поддршката на жените менаџери и претприемачи преку нови теми кои ќе навлезат во сите сегменти од нивното работење.Предизвикот да се биде дел од тимот кој знае да направи успешен проект е голем,затоа јас продолжувам со мојата позитивна енергија во етерот, како што е и основното мото и мисијата на телевизијата. Ако анализирам и јас морам добро да менаџирам на повеќе полиња , во улогата на креатор на секоја емисија во која внесувам огромна енергија и работа. Тоа гледачите на крајот го препознават. Секојдневно добивам позитивни оценки дека емисијата е корисна, едукативна внесува позитивна енергија, оптимизам, охрабрува многу менаџери, претприемачи. Ме радува што можат да поттикнам претприемачите, невработените да разберат за некоја нова иницијатива, некоја новина, компанија каде може да побараат работа, да добијат идеја со што да започнат со кој бизнис, какви се правилата за тоа, што им е потребно, исл. Низ сите теми што сум ги обработила во емисиите има нова приказна, нов успех, на поединец, нов производ, нова македонска компанија. И во емисијата што ја посветив на овогодинешните успешни жени и на настанот сакам да поттикнам поголемо размислување и иницирање на нови бизниси и идеи од кои ќе се родат нови потенцијални успешни жени менаџери. Можност да се погледне емисијата и се она што се случуваше има на следниот линк https://www.youtube.com/watch?v=MtHTmJh8UVM и https://www.youtube.com/watch?v=aXdUs0Xgf5c.

Марили: Какви трендови се присутни во женското претприемништво и воопшто во менаџментот кој го применуваат жените, до какви заклучоци сте дошле во текот на анализите на оваа тема?
Георгиевска: Ме восхитуваат примерите на млади жени менаџери. Колку се храбри, колку успешно ги применуваат современите менаџерски принципи, науката за менаџмент. Тие успешно иновираат, слободоумно пристапуваат во работењето, во деловниот свет. Имаат дури доблест да функционираат полуделовно во секојдневното работење, да наметнам опуштена неофицијална работна атмосфера, со авангарден ентериер, со полуделовна облека, со однос кон вработените со еден посебен пристап и дух, без хиерархија, напротив онака сплотено, тимски, другарски. Тоа е нешто што можам да го воочам како голема промена во новите компании кои се основани или управувани од млади луѓе.И многу ме радува тоа, гледам дека и ние имаме можност да ги промениме стереотипите.Тие промени се случуваат полека, но сигурно.Не е лесно, но младите се храбри и ги прават промените.Со сета почит кон животното и работно искуство и подолгиот менаџерски стаж на менаџерките кои се подоло во бизнисот, тие можеби ја немаат онаа полетност во менаџирањето, но затоа пак имаат одмереност, навраќање повеќепати пред да се донесе одлуката да се преземе чекор или не. Таа стабилност е она што прави баланс и дава шанси, пак, за поголеми деловни резултати и за повеќе успешни компании.Ако статистиките и истражувањата покажуваат дека до пред некоја година, жената речиси формално беше на менаџерската позиција или во улога на управител на една компанија, а во позадина сепак управуваше мажот, сопругот, партнерот, сега трендовите се променети. Промените се случуваат, а тоа се гледа во фактот што жената не остава мажот или партнерот да мисли за неа, да носи одлуки, таа поцвртсо стои на менаџерската позиција и многу посигурно менаџира и донесува деловни одлуки.На прашањето, дали тие сами донеле одлука да воведат нов производ, да се обидат со извоз, да воведат нов тип на маркетинг, да иновираат, секогаш одговорот е потврден, што покажува дека жената поцврсто стои на менаџерската позиција.Тоа ми дава надеж дека ќе имаме се подобри компании, јас посебно го следам тој факт затоа што емисијата ја има токму таа мисија, да ги поддржи компаниите, менаџерите, сите оние кои во македонското стопанство креираат македонски производи и услуги.Ако се навратиме на анализите и истражувањата,треба да го споменеме и сознанието дека тие низ годините покажуваа состојби во кои жената започнува бизнис најчесто за да го реши прашањето со лично вработување или егзистенцијата за семејството. Сега, иако има и такви иницијативи, сепак има промена во перцепцијата кај претприемачите жени, тие иако започнуваат бизнис затоа што можеби се приморани, сепак многу од нив веќе се похрабри и имаат појасна цел дека мора да успеат.Тука, има промена, покажуваат поголема самоувереност.Гледам големи промени во деловниот свет на жените менаџери.Кога сум снимала во некои македонски компании, каде што биле жени инволвирани во менаџирање на некои сектори или главни менаџери на компаниите, секогаш било видливо тоа.

Марили: Што би одвоиле кај нашите жени менаџери?
Георгиевска: 
Жената менаџер во македонското стопанство стои се поцврсто на својата позиција. Во текот на снимањата, на разговорите, зад камерата и пред неа, поминуваат многу успешни жени. Треба да восхити фактот што тие успешно се справуваат со сите предизвици. Жената во еден момент е мајка, ги менаџира домашните обврски, прашува за децата, ги координира нивните обврски, но веќе во следниот момент жената менаџер се преобразува и влегува во светот на бизнисот, таа се преобразува во цврста личност која знае добро каде треба да се движи, што е потребно на тимот, на компанијата.Жената менаџира посебно, својата женска енергија ја шири насекаде. Таа знае да сочувствува со вработените, знае да заплаче со нив, да се радува со нивните успеси, радости, со семејните успеси.Тоа ја прави поуспешна,тоа се особини што и даваат голема предност. Таа менаџира со душа, со целото срце, и дома и насекаде околу себе го носи својот тим, компанијата, размислува постојано за неа, опседната е со секоја ситница.Затоа, нашите жени менаџери се успешни, целата енергија што ја внесуваат и упорната работа, се факторите кои мора да дадат најдобри резултати.Се радувам кога гледам дека македонските менаџери се подобро управуваат, има млади менаџери кои се високо едуцирани и тоа во голема мера се одразува на нивните компании. Тоа уште повеќе ги прави успешни компаниите. Тоа дава надеж дека можеме да очекуваме само успешни компании управувани од жени во наредниот период. Ако направам споредба или анализа и на жените кои сите изминати години ги идентификуваше агенцијата Марили, ги претстави пред јавноста, ја покажа нивната успешност, тоа се жени кои се лекари, земјоделци, фармацевти, угостители, жени од семејни бизниси, од сите професии. Ми се чини, нема дејност од стопанството каде што нема успешна жена.Токму, иницијативата на Марили може да се рече дека има една голема и мисионерска димензија.Иако, јавно не се зборува сепак, жените се соочуваат со стравови, тие тешко ги споделуваат своите чувства од овој тип, како и притисоците кои ги имаат но знаат успешно да се справат и со тоа, да покажат дека стереотипите полека, но сигурно се надминуваат.

Марили: Гледате ли разлики во женското менаџирање?
Георгиевска:
Жената знае подомаќински да управува со една фирма со еден тим. Знае да пресмета, измери подобро, да заштеди, да вкалкулира, да извлече повеќе од помалку ресурси исл.,тоа е благодарение на вродениот инстинкт и чувството да се грижи за сејството, кое е нејзиниот мал тим. Ако се присетите, и низ сите манифестации кои ги спроведе Марили, во сите јавни обраќања на успешните менаџерки провејува девизата, „Зад мојот успех стои мојот сопруг и семејството“ или „Јас денес немаше да бидам она што сум да не беше поддршката од семејството“, девиза која покажува колку се важни за една жена и семејните вредности, а уште поважно колку таа успешно се снаоѓа во двете улоги, затоа што се покажува дека таа најголемата енергија ја црпи од семејството и љубовта.Кога ќе ги прашате менаџерките: Како го сфаќате менаџирањето, каков тип на менаџирање применувате? Ниту една од менаџерките нема одговорено дека сака да биде хиерархиски поставена во менаџирањето, дека не сака да биде конзервативен тој пристап со строго нагласување и пристисок од врвот во хиерархијата.Секогаш нашите жени менаџери велат,„ Јас секогаш се раководам од тимската работа и мојот успех го гледам како заеднички, со мојот тим“.Мислам дека тука е клучот на успехот на жените менаџери, тие не се суетни во својот свет и успех, тие велат без тимот кој стои зад мене, јас не можам да го постигнам ова што сум го постигнала. Тоа е големината на жената менаџер. Не треба да се заборави и податокот од истражувањата според кој жените менаџери вложуваат многу повеќе во својот тим, во нивната едукација, развој, напредок, тие сакаат успешен тим на кој сакаат да се потпрат и да бидат сигурни дека ќе можат да сметаат на него.Тие се грижат и за односите меѓу вработените, за нивната комуникација, за квалитетот на нивното живеење, сакаат да знаат кога се болни, кога се радуваат за роденден, новороденче и сл. се радуваат искрено и сочувствуваат семејно. Тоа го прави поразлично женското менаџирање.Ако ги истакнеме и податоците од некои истражувања за жените менаџери, тие покажуваат дека жените лидери се поагресивни и убедливи во својата улога.Тие секогаш ги спроведуваат задачите до крај, а веќе покажуваат и поголема подготвеност за ризици, покажуваат поголема колегијалност, толеранција исл.

Марили: Што е пресудно за Вас, како пристапувате во обработката на темите за жените менаџери?
Георгиевска:
Емисијата има позитивен концепт.Со сета моја енергија се обидувам да го наметнам оптимизмот кај гледачите, да го истакнам убавото, позитивното, успешното.Ние знаеме дека не е се добро, дека грешиме, дека можеме и подобро, но ајде да го дознаеме прво она што е успешно и добро, па да видиме каде треба да се поправиме, што да промениме.Така пристапувам на секоја тема во емисијата, а морам да бидам искрена на темата за жените менаџери пристапувам со посебна енергија. Она што би сакала да го наметнам многу повеќе и преку моите емисии кога обработувам теми за жената во деловниот свет и бизнисот е да се даде поддршка, да се покаже успехот и да се охрабрат и другите жени. Сметам дека преку третирањето на темите за менаџирањето на жените, може да се постигне повеќе.Ако доволно го откриеме светот на жената менаџер, ако и помогнеме да стане силна ќе успееме во намерата да создадеме повеќе компании, да ги охрабриме да започнат бизнис и да го развиваат да напредуваат, да станат успешни меаџери, а на крајот и да стигнат до врвот и да бидат вистински лидери,да имаме иновативни производи, да зајакнуваме економски. Сметам дека улогата на медиумите е клучна, треба да дадеме поголема поддршка. Токму, признанието што Марили го додели на новинарите, треба да поттикне повеќе.

Марили: Како Вие ја менаџирате Вашата работа, професијата со приватниот живот?
Георгиевска:
Она што во сите години поминати во економското новинарство научив е фактот дека бројките секогаш треба да ги гледаме подлабоко, економијата не се состои само во бројките, зад тие бројки стојат многу работници, многу менаџери, многу труд на бизнисмените, претприемачите, економистите, консултантите,токму затоа предизвикот да се споделуваат успесите со нив е големо задоволство, но и одговорност, дали вистински ќе ги пренесете, дали ќе ја пренесете правилно енергија која пред публиката ќе даде слика за нечиј успех да биде доживеан вистински.Јас се обидувам да го изменаџирам сето ова правилно и вистински, а тоа гледачите го препознаваат.Искуството кое го добивам низ годините, споделувајќи многу знаење со сите соговорници, луѓе кои поминале во мојот професионален живот ми помага многу. Успевам да менаџирам успешно меѓу приватното и професионалното.Она што морам да забележам е само што моето семејство многу често го ставам во состојба да се прилагодува на моите работни ангажмани, па многу често ми недостигаат подолгите прегратки на моите деца и времето поминато со нив,низ сите години во новинарството. Она што најмногу ми ја дополнува емотивната енергија се нашите заеднички патувања кои секогаш ни носат многу незаборавни случки и сеќавања кои длабоко остануваат врежани во нашиот семеен албум на фотографии.Новинарството е професија која нема работно време, ако сакате да станете врвен професионалец мора постојано да примате информации да читате, анализирате, калкулирате, особено во економското новинарство.Тука бројките се на прво место и тие ги диктираат законите и информациите поврзани со нив.Особено ако сакате да истражувате и да барате нешто ново и неоткриено.Јас поминувам многу време во истражување и барање на теми кои ќе помогнат на одредена категорија гледачи, претприемачи, земјоделци, менаџери, производители од сите индустриски дејности.
Но, кога се сака тоа што се работи, успехот е неизбежен.
 

Содржината е прочитана 883 пати.