Култура

Романтична вечер со руската пијанистка Виолета Егорова на „Охридско лето“

Музичката програма на Фестивалот продолжува вечерва со концерт на пијано дуото Гелебешеви во „Света Софија“

среда, 07 август 2019

Извонредната руска пијанистка Виолета Егорова синоќа приреди неповторливо доживување на „Охридско лето“ одржувајќи концерт во рамките на музичката програма на фестивалот. Со внимателно избраниот репертоар, со нејзината музичка интерпретација што подразбира неверојатна леснотија и префинета техника, Егорова ги разбранува чувствата кај фестивалската публика која уживаше во романтичната вечер.

„На сцената во црквата ’Света Софија’ има прекрасни акустични ефекти. За концертот подготвив програма од западни композитори, а исто така и дела од руски композитори. Донесов романтични дела за публиката“, рече Егорова, потенцирајќи дека целокупниот амбиент каде што настапи е совршено место кое инспирира и придонесува за достигнување високи уметнички дострели.

Виртуозното мајсторство врз пијаното започна со Импромпти оп. 142 бр. 3 B-dur од Франц Шуберт, а потоа продолжи со четирите пиеси за пијано од Јоханес Брамс, баладата број 4 во ф-мол од Фредерик Шопен. За да биде комплетна романтичната вечер со пијано, Егорова ги изведе и сонатата „сеќавање“ од Николај и 24 прелудиуми од Александер Скрјабин.

„Ми требаше само мал разглед за да го засакам градот. Прекрасен поглед, прекрасно езеро, пријатна атмосфера и совршено место за уметнички дострели. Не настапувам често во регионот на Балканот. Свирам во Италија и Германија, но за фестивалот ’Охридско лето’ знам откако паметам за себе“, истакна Егорова.

Музичката програма на Фестивалот продолжува вечерва со настап на пијано дуото Гелебешеви, кое ќе одржи концерт во „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Уште од периодот на почетоците на своето делување во 2001 година, пијано дуото Гелебешеви составено од Катерина Гелебешева – Костадиновска и Глигор Гелебешев се промовираа како ансамбл со ретка виталност и свежина на нашата музичка сцена.

Според музичката стручна крритика, настапите на дуото Гелебешеви се карактеризираат со перфекција во музичката креацијата доловувајќи ги суштинските одлики на композициите од технички, уметнички или стилски аспект.
Од нивните првични домашни настапи кои често вклучуваат и премиерни изведби, дуото Гелебешеви постепено започна да ја проширува својата концертна дејност на интернационално ниво и тоа во Франција, Холандија, Италија, Романија, Полска, САД, Хрватска, Словенија и други држави. Дуото Гелебешеви имаат остварено настапи во речиси сите градови во земјава и на реномираните фестивали како: „Интерфест“ – Битола, „Хераклејски вечери“ – Битола, „Денови на Македонска Музика“ – Скопје, „Златна лира“ – Скопје. Во 2012 година, ја добиваат наградата „Златна лира“ врачена од Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ). Дуото во 2016 година го бележи и својот прв настап со Македонската филхармонија изведувајќи го концертот за две пијана и оркестар од Ф. Пуланк.

Нивниот репертоар во континуитет се надградува и опфаќа дела од сите музички периоди од класиката, преку романтизмот до современата музика. Во текот на својата повеќегодишна работа дуото Гелебешеви имаат објавено и две аудио изданија во 2008 и 2018 година кои наидуваат на одличен прием кај стручната музичка јавност.


 

Содржината е прочитана 28 пати.