Инфо

Од утре Македонија во жолта и портокалова фаза

Во пресрет на топлотниот бран се препорачува да се пијат многу течности, да не се излегува на отворено без потреба, да се седи во климатизирани простории, да не се фрлаат цигари и догорчиња, ниту стаклени шишиња

среда, 07 август 2019

УХМР ги информира граѓаните, дека под влијание на многу топла воздушна маса во наредните денови ќе има пораст на температурите на воздухот. Особено топло ќе биде од четврток до средината на наредната недела, кога температурите ќе се искачат над 41 степен. Ќе биде активирана жолта фаза за високи температури, а во некои региони портокалова фаза.

При ваков топлотен бран граѓаните треба да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство. Тоа значи задолжитено миење на земјоделските и на градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на плус 8 степени, а пред употребата да се загре на 100 степени. Да се избегнуваат термички необработени производи, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумираат сладоледи и разни кремови.

Од 10 до 17 часот да се избегнуваат напорни физички активности на отворено, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности, а неопходните работи да се завршуваат до 10 или по 17 часот. Доколку се излегува надвор, да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце, задолжително да се стават заштитни очила и капа. Најдобро е да се престојува во затворени климатизирани простории, со затворени прозорци и спуштени ролетни. При неопходен престој на отворен простор, потребни се почести одмори под сенка.

Треба да се внесува помало количество храна, а да се избегнува мрсна и висококалорична храна, како и храна која содржи поголемо количество шеќер. Затоа, пак, потребно е да се внесува големо количество течност, пред се обичната вода, може и минерализирани безалкохолни пијалаци, а да се одбегнуваат алкохолни пијалаци и пијалаци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци.

Кога сте во своето возило, отворете го прозорецот за да овозможите вентилација на воздухот, бидејќи целосно затворените возила стануваат многу жешки.

Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести потребно е редовно да ја земаат пропишаната терапија. За сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар.

Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преселете се во постудено место што е можно побрзо и измерете ја телесната температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате.

Ако имате болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на студено место и напијте се течност која содржи електролити. Доколку топлотните грчеви траат подолго од еден час, побарајте лекарска помош. Консултирајте се со својот доктор доколку почувствувате невообичаени симптоми или ако симптомите траат подолго време!

Ако некој член од вашето семејство или лице на кое помагате има топла и сува кожа или е во бесознание, веднаш повикајте 194. Додека се чека итната медицинска помош префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете ги нозете и колковите. Отстранете ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење како студени облози на вратот, пазувата и слабините, постојано ладете го и прскајте ја кожата со вода. Мерете ја телесната температура, но не давајте терапија. Ако лицето е во бессознание не треба да лежи на грб, туку свртете го на страна.

Високите температури ја активираа и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), која согласно Законот за заштита и спасување презема и мерки за превентивно делување за заштита од можни пожари. ДЗС апелира до локалните самоуправи, граѓаните и посетителите на земјава да внимаваат кога се на отворено. Оттаму потенцираат да не се фрлаат цигари и догорчиња, да не се фрла стаклен отпад и стаклени шишиња, да не се пали оган и скара на отворен простор и шума, да не се дозволува на децата да си играат со запалки, пламен и жар, да не се пали отпад и друг горлив материјал, да не се палат стрништа и меѓи. Ако се забележи пожар, веднаш да се извести Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.
 

Содржината е прочитана 21 пати.