Бизнис вести

Трговскиот дефицит надмина 1 милијарда долари за шест месеци

Вкупната вредност на извозот на стоки изнесува 3,56 милијарди долари, додека во исто време била увeзена стока во вредност од 4,61 милијарди долари

вторник, 06 август 2019

Трговскиот дефицит во периодот јануари – јуни 2019 година, изнесува 1,04 милијарди долари. Вкупната вредност на извозот на стоки во првите шест месеци од годинава изнесува 3,56 милијарди долари и бележи пораст од 6,5 отсто во однос на истиот период лани, додека во исто време била увeзена стока во вредност од 4,61 милијарди долари, што е за 3,7 отсто повеќе во споредба со истиот период претходната година.

Најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
 

Содржината е прочитана 94 пати.