Инфо

Бесплатното паркирање во Hug&Fly зоната пред зградата на скопскиот аеродром трае 10 минути

вторник, 06 август 2019

Бесплатното паркирање во Hug&Fly зоната, односно, на улицата пред аеродромската зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје трае 10 минути, токму онака како што пишува на информативните табли за патници и на самите билети, се вели во соопштението од ТАВ Македонија испратено како реакција на поплаките од некои граѓани дека времето што го отчукува апаратот на картичката не соодветствува со реалното и покажува пет минути порано, односно, дека бесплатното паркирање во оваа зона практично трае само 5 минути. Ваквите информации компанијата ги окарактеризира како неточни.

„Ве замолуваме како меродавно да го сметате времето на влез отпечатено на билетот за паркирање и согласно тоа да го планирате вашиот престој во било која од зоните за паркирање на Меѓународниот Аеродром Скопје“, појаснуваат од ТАВ Македонија.

Додаваат дека следејќи ги светските трендови во авијацијата и аеродромското управување, Hug&Fly зоната е воведена пред две години, со цел да се намали метежот кој се создава од многуте возила паркирани пред терминалната зграда, а истовремено и да се олесни движењето на патниците непосредно пред нивнитe летови.

„За повеќе информации во врска со паркингот на Меѓународниот Аеродром Скопје ве молиме посетете ја нашата веб-страница на следниот линк: http://skp.airports.com.mk/default.aspx?ItemID=375“, се вели во соопштението.
 

Содржината е прочитана 73 пати.