Интервјуа

Интервју со господин Богослав Ангелоски, генерален менаџер на „Ариљеметал“

Перспективата во бизнисот е фамилијарниот и семејниот бизнис, тоа го покажа и последната економска криза. Oвие фирми најлесно ја пребројдија кризата, затоа што покрај дисциплината кај нив постои уште еден важен момент – лојалноста.

понеделник, 04 мај 2015

МАРИЛИ: Господине Ангелоски, како го започнавте приватниот бизнис, која беше првичната идеја и колку храброст, труд и упорност вложивте за да го реализирате замисленото?
АНГЕЛОСКИ:
Постои причина и повод за да го започнам приватниот бизнис. Тоа е што како секторски директор во тогашниот Металски завод - Тито, немав можност да го искажам тоа што го мислев, односно не се согласував со тогашната транзиција на МЗТ. Не се согласував и со развојните планови во 1989 и 1990-та година, заради што заостануваше и исплаќањето на личните доходи , што беше и повод да си заминам. Субјективно сметав дека поседувам претприемачки предиспозиции и без да чекам технолошки отпремнини, јас излегов, имав самодоверба, сметав дека моето знаење е мојот капитал. Според моето мислење, што не мора да е правило, самодовербата и чувството за претприемништво се клучен елемент за започнување на бизнис. И денес ги охрабрувам оние кои ценат дека идејата што ја имаат можат да ја имплементираат во практиката и дека ќе можат да дојдат до производ кој ќе можат да го наплатат. Јас се држам до девизата – најголем ризик е ако не ризикуваш. Мора да се има храброст за почеток на бизнис. Од тоа што сум го кажал не се повлекувам и ќе трпам последици. Во тој период беше донесен закон за формирање друштва со ограничена одговорност, што овозможуваше секој поединец или поединци да формираат најнапред претпријатија, а потоа и друштва, и зошто да не се почне, кој ќе тргне, тргне, кој не – не.

МАРИЛИ: Денес Вашата компанија е една од водечките во машинската индустрија во РМ. Со што се се занимава „Ариљеметал“ денес?
АНГЕЛОСКИ:
„Ариљеметал“ денес се занимава со производство на највредни најспецифични сврзувачки елементи во машинството, водејќи се по принципите на најстрогите ИСО и ДИН - стандарди и како надополнување на производството, се занимава и со трговија од истата област, за да се збогати асортиманот, со оглед на тоа што асортиманот на навојни производи може да се движи од 30, 60 илјади па до 120 и до 160 илјади видови на сврзувачки елементи, значи, тоа е една извонредно широка лепеза. Ние сме ориентирани кон производство на такви врзувачки елементи коишто се високо вредни, со високододадена вредност и кои се наменети за извоз во Европската унија, конкретно, најмногу извоз имаме во Германија. Изработуваме делови по нарачки на нашите купувачи, по принципите на најстрогите ИСО и ДИН – стандарди, од кој било вид материјали и по стандарди и според специјални барања на купувачот.

МАРИЛИ: Вие сте единствени производители на ова што го наведовте во Вашата област во Македонија?
АНГЕЛОСКИ:
Ние, од оваа област сме единствени призводители. Трговијата ни служи како надополнување, затоа што кога ќе дојдете овде, ќе се вратите со комплет со она што ви треба. Но, најбитно е кога секој особено во новите индустриски равојни технолошки зони, странските инвеститори што доаѓаат овде, ретко кој може да нѐ заобиколи нас, затоа што секој од нив доаѓа кога ќе му се укаже потреба, со некое специфично барање да се изработи одреден дел.

МАРИЛИ: Што е пресудно за да опстојува и постепено се развива еден приватен бизнис - визијата на генералниот менаџер или тоа е склоп на многу фактори?
АНГЕЛОСКИ:
Реално гледано, и едното и другото. Значи визијата е врзана со многуте фактори, но без визијата не може ни да се почне, а кои се другите фактори? Тоа се: опкружувањето, амбиентот што го создава државата или т.н. бизнис клима. Сега имаме можност, за секоја наша потреба која сметаме дека е дел од стратегијата на тимот што работи во владата, да се обратиме, секогаш сме сослушувани. И втор, многу значаен момент, ние коишто сакаме да инвестираме, добиваме кредити со повластени камати. Реално, во овој момент повеќе им се излегува во пресрет на странските фирми, но ценам дека со тек на време сѐ повеќе ќе ни се посветува и нам, на домашните фирми. Мојата перцепција е да се изразам народно, дека за да се привлече некој од надвор, како и дома кога ќе поканите гостин, вие мора да го послужите со подобра маса од домашните. Треба да сме трпеливи и нашето ќе дојде, а првиот момент е што полека со странците почнавме да имаме кооперанстски односи одосно домашните фирми ги опслужуваат, еве ние работиме со Џонсон Мети, Кронберг и Шуберт, Кемет Електроникс. Бидејќи, овие компании се во посебни развојни индустриски зони, како посебни царински зони нас што ги снабдуваме со производи ни се смета како извоз. Тоа се предностите и затоа не треба да се гледа со недоверба, дека им се дава само на странските компании, а домашните не се застапени, но одеднаш не може и двете. Еве сега, сите фирми кои ќе почнат да го интензивираат извозот во ЕУ ќе бидат стимулирани зошто извозот е излезна варијанта за просперитет во РМакедонија.

МАРИЛИ: Како станавте дел од семејството на светските компании во Вашата дејност (квалитетот)?
АНГЕЛОСКИ:
Ние на квалитетот посветуваме посебно внимание. Во рамките на нашата фирма, многу одамна, пред уште 15-тина години порано ние воведовме стандарди за квалитет – ИСО 9001, за квалитет тој е првиот, после разни видови на обработки на разни видови на производи, се надополнувавме со сертификати. Исто така на обука од нашиве вработени испративме луѓе - вработени коишто се едуцираа како да се обучуваат и други фирми за да ги применуваат ИСО стандардите. Во нашите редови веќе имаме и меѓународни оценувачи на ИСО стандардите.

МАРИЛИ: Можеме ли да ги наброиме најголемите компании за коишто работите, што е она што може да се каже за нив?
АНГЕЛОСКИ:
Наш приоритет, наша препознатливост во овој момент, а и во наредните години ќе биде извозот во Сојузна Република Германија. Инаку, фирмите за кои работиме и преку кои испорачуваме се наши партнери кои работат за Сименс и за Мерцедес. Тие наши партнери со кои работиме долги години, се уверија дека работиме прецизно и навреме и ни дадоа можност да влеземе и во нивните развојни планови и да ги зголемиме извозните капацитети. Ние, пак, добивме и поддршка од Владата да го дуплираме производството и извозот. Она што постојано нѐ води напред е следењето на техничко-технолошката конкурентност, што е приоритет број 2 покрај високиот квалитет што е на прво место и е неприкосновен. Постојано ги следиме новитетите и присутни сме секаде – Токио, Банкок, Хонг Конг, Шангај, Лас Вегас, Лос Анџелес, Чикаго, а за Германија и да не зборуваме. Секогаш се трудиме да бидеме еден чекор понапред од нашата конкуренција и затоа следиме сѐ и сме присутни секаде каде има понапреден технолошки момент, тоа го одредува квалитетот и цената на тоа што ќе го купиш.

МАРИЛИ: Денес, каде планирате да го насочите развојот на фирмата и пласманот на Вашите производи?
АНГЕЛОСКИ:
Ние нашите планови ќе ги насочиме првенствено во Европа и ЕУ и земјите во опкружувањето. Земјите во опкружувањето не смеат ниту можат да бидат запоставени. Ние и сега извезуваме во Србија, Албанија, Косово итн., поинтензивно ќе почнеме во Бугарија и Грција. Во Грција има огромно интересирање за нашиве производи се очекува многу брзо да се склучат и конкретни зделки, меѓутоа ЕУ ќе ни биде императив бр. 1. После тоа, како што другите светски призводители се насочуваат кон пазари кои ќе бидат во даден момент атрактивни заради геополитички и стратешки ситуации, услови итн. ние и таму ќе одиме. За таа цел ќе треба оспособување и надополнуваање со квалитетни кадри.

МАРИЛИ: Каде го гледате развојот на машинската индустрија во РМ? Имаме ли доволно обучен стручен кадар за оваа дејност?
АНГЕЛОСКИ:
Да бидам искрен, може да се одговори двострано, и да и не. Ние имавме една голема традиција во машинската индустрија и настана еден прекин, една пауза, каде што многумина од младите се насочија кон општествените науки. Мислам дека за Македонија тоа не е решение. Да, треба и без општествените науки не може држава да функционира, тоа е нон-сенс, меѓутоа природните науки, производството и техничките науки треба да бидат приоритет. Ние по природа на менталитетот што го поседуваме сме едни од најбистрите народи на светот и за таа цел ITN -технологијата, машинството, па ако сакате техника и во земјоделието, во аграрот ни се неопходни. Значи ние не треба да бидеме суровинска база кои што ќе извезуваме, ние мора да извезуваме производи со додадена вредност коишто кај нас ќе бидат дофинализирани. Прво помали, па после поголеми потсклопови, па уште поголеми до евентуално финален склопен производ за којшто е потребно време, а со што ќе бидеме дел од системот со некои развиени европски земји. Авионот не се работи на едно место. Го работат во Германија, Франција, Холандија, Белгија, Финска итн. Ако ние сега можеме да работиме одредени компоненти (зборувам за повеќе наши фирми кои работат сериозни компоненти за Џонсон Мети, не зборувам само за нашава фирма), по 5 или 10 години ќе дојде моментот кога можеби и ние ќе можеме да работиме одредени потсклопови. Тоа значи купување на машини со големи технолошки можности, кои ги задоволуваат трите карактеристики на економијата, а тоа се продуктивност, економичност и рентабилност.

МАРИЛИ: Дали ја препознаваат нашата земја во Европа и во светот, Вие патувате многу, па со што најмногу би можеле да се пофалиме кога одиме надвор? Имаме ли таква приказна, нешто со кое ќе нѐ препознаат надвор?
АНГЕЛОСКИ:
Изненаден сум од азиските земји каде сега патуваме многу, дека најнапред по изговорот на името Македонија се многу блиску до нашиот изговор, за разлика од Англија, Германија. Тие знаат за цивилизацијата која била на овие простори и од каде потекнува името на нашата земја. Знаат за нас многу повеќе отколку што ние мислиме и знаат за нашата земја иако е мала. Во Америка кога купувавме нумерички машини нѐ препознаваа како земја со богата историја и интересна туристичка дестинација. Кога се среќаваме со индијци од Индија, тие нѐ препознаваат како земја каде што е родена Мајка Тереза. Благодарение на извозот и купувањето машини со врвен квалитет доаѓавме во контакт со целиот свет и неодминливо е да разговараш од каде си, која е твојата земја итн. Без лажна скромност, иако сме со површина од 25.700 км2, тие квадратни километри вредат повеќе од некои земји кои имаат 2,5 милиони квадратни километри. Мое субјективно мислење е дека живееме на територија која е една од најубавите и најкарактеристични во светот.

МАРИЛИ: Компанијата „Ариљеметал“ е семеен бизнис, Вашите син и ќерка се стручно квалификувани и го преземаат товарот на водење на приватна компанија. Дали сте посебно горд на ова?
АНГЕЛОСКИ:
Да, горд сум, а горд би бил секој родител на мое место, сѐ што ќе се вложи во децата се враќа во позитивна смисла и секогаш сум вложувал во насочување, во помагање едуцирање. Тоа сум го правел преку мојот личен пример. Ќерката наскоро ќе биде доктор по машинство, а малку подоцна ќе биде и мојот син. Ние сме единствен пример во државава, ние сме единствен пример можеби и од неколкуте примери во Европа.

МАРИЛИ: Кои се Вашите желби и планови во новата 2015 година и што ќе им порачате на нашите читатели?
АНГЕЛОСКИ:
На читателите би им посакал пред сѐ здравје среќа и успешна 2015 година на личен план, а на деловен мислам дека треба што поамбициозно и похрабро да се зафатиме со работа во којашто тежиштето ќе биде извозот, тоа е излезот од тунелот во кој се наоѓаме. Мислам среќата и персперктивата на Македонија е извоз, а ние имаме што да извеземе. Не се сомневам воопшто имаме голем човечки потенцијал, значи си ја ценам нацијата на која припаѓам. Среќен ќе бидам ако има што е можно повеќе вакви слични фирми како нашава и ги поттикнувам и ги поддржувам во идеите. Перспективата во бизнисот е фамилијарниот и семејниот бизнис, тоа го покажа и последната економска криза, на пр., од ЕУ – Германија каде малите и средните претпиријатија, фамилијарните и семејните фирми најлесно ја пребројдија кризата, затоа што покрај дисциплината кај нив постои уште еден важен момент – лојалноста. Ние сме лојални на нашата фирма. Исто така сакам да нагласам дека сега е најпогоден момент за инвестирање.

 

Содржината е прочитана 782 пати.