Инфо

Се укинуваат квотите за лекови на рецепт во аптеките во туристичките места

Засега ова ќе важи за аптеките во Охрид, Ресен, Дојран, Струга и Гевгелија, а укинувањето на квотите на целата територија на државата ќе се имплементира или во септември или во октомври

понеделник, 05 август 2019

Од утре се укинуваат квотите за лекови на рецепт во аптеките во туристичките места Охрид, Ресен, Дојран, Струга и Гевгелија. Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека целта е да се излезе во пресрет и на жителите, но и на туристите, бидејќи со години наназад поради наплив на туристи во летниот период квотите на лекови во овие градови се трошат многу побрзо, па жителите остануваат без потребната терапија.

„Најчесто тоа се лекови за кардиоваскуларниот систем. Излегуваме во пресрет на граѓаните и не очекуваме некоја поголема промена во зголемување на искористеноста на лекови“, рече Филипче.

Ова е прв чекор во правец на укинување на квотите, што го најави премиерот Зоран Заев, а ќе почне да важи на целата територија. Со оглед на динамиката и имплементацијата на контролните механизми што ги подготвува Фондот за здравствено осигурување, тоа ќе се имплементира или во септември или во октомври.

Филипче појасни дека за ослободување на квотите не е потребна промена на закон, туку на правилник, што Фондот го направил утрово.

Запрашан кои се контролните механизми со кои ќе се спречуваат злоупотреби и дали ќе може да се зема лек во аптека само со лична карта, министерот рече дека станува збор за комплексен механизам кој вклучува и софтверско решение, а во суштина значи следење на лекот. Лекот ќе може да го подигне само пациентот за кој е препишан, освен лицата кои се неподвижни, но и за нив има развиен механизам како ќе се издаваат тие лекови.

Тој најави и дека до крајот на овој месец ќе се прошири и здравствената мрежа, со која ќе може да се вклучат сите аптеки кои немаат договор со Фондот за здравство. Паралелно, како што рече Филипче, ќе се проширува мрежата согласно одлуката на последната седница на Владата, за прием на нови специјалистички ординации од разни специјалности од медицина и стоматологија, а се со цел да се излезе во пресрет на оние кои тоа го чекаат.

 

Содржината е прочитана 36 пати.