Култура

„Охридско лето“ прослави 59 успешни години

Роденденот беше одбележан со концерт на врвните гитаристи Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, на Античкиот театар

понеделник, 05 август 2019

Со концерт на врвните гитаристи Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, на Античкиот театар вчера „Охридско лето“ го прослави својот 59. роденден испишувајќи уште една успешна година во богатата фестивалска историја.

Фестивалот „Охридско лето“ официјално својот почеток го бележи со концерт одржан на 4 август во далечната 1961 година, со настапот на оперската певица Ана Липша Тофовиќ. Од година во година „Охридско лето“ се развива по нагорна линија, прераснувајќи во манифестација која претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал.

„Охридско лето“ се одржува секоја година од 12 јули до 20 август, а од 1994 година е редовен член на Европската асоцијација на фестивалите.

Денес, фестивалот „Охридско лето“ претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и за Република Северна Македонија. Манифестација која ја има поддршката од Владата преку ресорното Министерство за култура, од претседателот на државата кој воедно е и покровител на Фестивалот, но и од стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот.

 

Содржината е прочитана 47 пати.