Инфо

Субвенции од 3.000 евра и за половни автомобили

Субвенцијата изнесува 20-30 отсто од вредноста на новото возило, кое мора да го задоволува критериумот за еуро стандард, односно, да има најмалку ЕУРО 5 стандард

понеделник, 05 август 2019

Државата ќе субвенционира дел од трошоците за купување нов, или половен автомобил кој ќе ги задоволува еколошките стандарди пропишани со новата законска регулатива.

Министерот за економија, Крешник Бектеши за Алсат изјави дека граѓаните што имаат возила со стандард ЕУРО 2 и ЕУРО 3 ќе можат да купат возила со стандард ЕУРО 5 и нагоре со субвенции од државата. Субвенцијата изнесува 20-30 отсто од вредноста на новото возило. За возило чија вредност нема да надминува 10.000 до 12.000 евра, субвенцијата ќе биде до 3.000 евра. Возилото не мора да биде купено ново од автосалон, туку може да биде заменето и со половно, од автоплац, но услов е го задоволува критериумот за еуро стандардот што значи да има најмалку ЕУРО 5 стандард.

Субвенционирањето има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот на патиштата, да ги намали трошоците за одржување на возилата, да го намали загадувањето на амбиенталниот воздух, како и да го зголеми увозот на нови во однос на половни возила.

Податоците на Царинската управа покажуваат дека од јануари до јуни оваа година се увезени 16.205 употребувани патнички автомобили. Во првата половина од минатата година биле увезени 13.355 стари автомобили, а во првите шест месеци од 2017 само 9.987 автомобили.
 

Содржината е прочитана 92 пати.