Интервјуа

Интервју со г-ѓа Даниела Дабеска, генерален менаџер на домот за згрижување на стари лица Резиденција „Дабески“

Постојано сме во тек со сите новитети како во регионов, така и пошироко, а како установа се стремиме кон континуирана едукација и примена на иновативни методи.

вторник, 19 мај 2015

Во изминативе 6 месеци работиме со програма која е адаптирана на психофизичката состојба на нашите корисници. Програмата е флексибилна и лесно прилагодлива во однос на желбите на нашите корисници. Исклучително ни е важно да имаат осмислен социјален живот и деновите да им бидат активни, па така во наредниов период имаме организирана посета на театар, семинар за акупунктура на 29 мај е закажана евергрин журка со жива свирка на која ќе се дружиме и заедно со членовите на семејствата. Постојано сме во тек со сите новитети како во регионов, така и пошироко, а како установа се стремиме кон континуирана едукација и примена на иновативни методи.

МАРИЛИ: Г-ѓа Дабеска, управител сте на еден од најновите и најсовремените старски домови во РМакедонија, па кажете ни како дојдовте на идеја да го отворите истиот и кое беше Вашето претходно професионално искуство кое практично Ве насочи кон оваа работа?
ДАБЕСКА:
Идејата да изградам ваква установа и да почнам да работам со возрасни лица на кои им треба помош е иницирана од лично искуство со мои најблиски членови на семејството. Ова е многу лична приказна и ова интервју е најтешкото кое сум го направила досега, но сметам дека е важно да се сподели, како мотив и позитивен пример кога од тешка животна епизода наместо да одбереме апатија и депресија, можеме тагата, болката и искуството да ги канализираме во конструктивна форма преку која ќе си помогнеме и себеси и на другите.
Живеејќи повеќе години соочена со најтешки дијагнози на своите најмили, се обидував преку различни форми да го организирам најдобриот начин на кој ќе им помогнам. Тоа долго време подразбираше ангажирање на персонал за грижа во домашни услови, вклучување на дополнителна медицинска помош, најчесто од приватни установи бидејќи за жал кога медицинските служби кои се под ингеренции на државата, ќе ве научат како тешки и хронични пациенти за кои мислат дека нема спас, тешко одговараат на вашите повици. Набавка на храна, плаќање на тековни трошоци, одржување на домот на родителите, секојдневни мали активности, но за кои треба време... а истовремено мајка на тинејџерка, сопруга, имав обврски кон својот дом, веќе изградена кариера и професија која бараше моја активна присутност. 24 часа ми беа малку, се чувствував веќе истрошено и многу уморно, бидејќи не се работеше за период на одминати денови или месеци, туку години. Паралелно на тоа и финансиите за обезбедување на комплетна нега претставуваа дополнителен товар. После долга и мачна анализа на целата ситуација, дополнително притисната од околината со стереотипот доколку ги пратите родителите во дом значи дека сте се откажале од нив, за што тие ве чувале итн. сфатив дека јас вака долго нема да бидам функционална. Енергијата ми беше на најниско ниво, не бев веќе продуктивна, се измачував себе и своето семејство. И тогаш ја донесов одлуката за која во тој момент не бев свесна дека е вистинската одлука, како што покажа времето. Згрижувањето во установа на моите најблиски, се покажа како вистинско решение. Од медицински аспект беа згрижени, од социјален аспект беа меѓу свои врсници, јас се враќав во колосек, моето семејство повторно почна да функционира. Бев благодарна на постоењето на приватни установи кои обезбедуваат квалитетен живот на нашите најблиски. И тогаш сфатив дека ова е дејноста во која можам да се реализирам комплетно. Тоа значеше голем животен пресврт, бидејќи напуштив кариера која ја градев 17 години и се впуштив во сосема нова дејност. Сега можам слободно да кажам дека ова е сè што посакував.

МАРИЛИ: Старскиот дом „Дабески“ има добра локација во однос на скопската котлина и колку тоа помага за поквалитетен престој во поздрава околина на постарите лица и колкав е капацитетот на домот?
ДАБЕСКА: Резиденција „Дабески“ е сместена на најубавата локација во околината на Скопје. Сместена во Општина Сопиште, кое е лоцирано на задната страна на Водно, на надморска височина од 680 м на 8 км од центарот на градот, е предел кој ги има сите урбани погодности, но истовремено ги има сите привилегии на природна убавина. Климата е значително поинаква од централниот како и другите периферни делови на Скопје, а тоа значи дека овој предел во минимална доза има магливи денови, нема индустриски загадувачи, температурната разлика во летниот период е 4-5◦ Ц. Самата резиденција има преубав поглед кон падините на Водно и тоа значи дека Резиденција „Дабески“ овозможува уживање на 32 корисника, тоа е капацитетот на оваа установа.

МАРИЛИ: Кои се спецификите во однос на медицинската нега која им се овозможува на старите изнемоштени лица во установата со која раководите?
ДАБЕСКА: Многу е важно да се разбере дека установите од ваков карактер пред сè имаат примарна социјална дејност, а секундарна е медицинската. Овие установи не се и не треба да бидат болнички установи. Но тоа е така во развиените опшества каде што во вакви установи се сместуваат луѓе кои се физички и психички стабилни и самостојно одлучуваат да бидат згрижени. Во развиените опшества не постои стигма на отфрленост доколку се сместат во вакви установи, напротив веруваат дека животот ќе им биде продолжен со соодветна нега. За жал кај нас, а и пошироко во Балканскиот регион во вакви установи се одлучуваат за сместување кога состојбата е крајно влошена. Оттука нашите установи акцентот го ставаат на медицинската грижа, наместо на социјалната. Во Резиденција „Дабески“ токму од овие причини е овозможна комплетна медицинска грижа и нега, соодветна на потребите на нашите корисници. Обезбедена е набавка и апликација на секојдневната терапија која ја примаат корисниците, обезбедена општа здравствена помош со матичен доктор, овозможени се специјалистички услуги, мобилна стоматолошка услуга, како и комплетна физиотерапевстка услуга вклучувајќи кинези терапија и акупунктура.

МАРИЛИ: Од Вашето досегашно искуство со работата во старскиот дом, кои се најакутните проблеми со кои се соочуваат семејствата кои сакаат да ги згрижат старите изнемоштени лица и како треба на ниво на општество да се работи на оваа проблематика?
ДАБЕСКА:
Би се навратила околу стереотипите и стигмата во однос на тоа кога треба да се згрижат возрасните луѓе во вакви установи. Ќе потенцирам дека кај нас најчесто одлуката за сместување ја носат децата или блиски членови на корисникот. Тоа е така заради нашите традиционални и патријархални вредности и убедувања. Односно, според нашиот вредносен систем создаваме семејство, односно пород од кој очекуваме со нас да биде во текот на целиот живот, очекување од децата дури и кога ќе формираат сопствени семејства (генерално ова важи за машките деца) да останат во заедничка семејна заедница и да останат тие да се грижат за родителите и со тоа да стекнат заслуга за наследство на домот кој го изградиле нивните родители. За жал, поради ваквиот товар кој го наметнуваме кон нашите деца, кога ќе почнат да се случуваат одредени промени кај нашите родители, дозволуваме да стигнат до самиот крај и дури тогаш сфаќаме дека не сме во состојба да им помогнеме и ја носиме крајната одлука да ги сместиме во ваква установа. Доколку сме свесни кога ќе ги воочиме првите симптоми, треба да бидеме свесни дека во вакви специјализирани установи ќе добијат комплетна нега и грижа, каква што во домашни услови не можеме да обезбедиме. Напротив можеме да направиме поголема штета. Оттука произлегува дека ова е опшествен проблем, на кој треба да се работи систематски. Нужно се потребни кампањи за подигање на јавната свест, првенствено кај возрасната популација, со порака дека овие установи не се крајна дестинација, напротив може да бидат простор за времен престој со цел рехабилитација, доколку навремено ги детектираат своите проблеми, како и подигање на јавната свест кај децата или блиските членови, дека доколку настанат одредени здравствени проблеми кај нашите блиски членови, подобро е навремено да се побара помош од специјилазирани установи, заради добро на нашите родители, а и на самите нас.


МАРИЛИ: За досегашното Ваше успешно менаџирање на старскиот дом „Дабески“ и претходните Ваши менаџерски позиции на други работни места, од Агенцијата „Марили“ бевте наградена со признание за една од најуспешните жени менаџери за 2014 година. Колку Ви значи ова признание?
ДАБЕСКА:
„Марили“ е Агенција за максимална почит. Долги години промовира бизниси раководени од жени, а тоа во опшество каде сè уште владеат родови стереотипи е исклучително важно. На секој поединец кој со години се вложува професионално, постојано се надградува, често пати жртвува многу нешта во градењето на кариерата, се подразбира дека секое признание со кое се препознава вложениот труд, претпоставува лична сатисфакција и мотив да бидеме уште подобри во иднина. Голема чест ми претставуваше што бев дел од овој настан.

МАРИЛИ: Кои се Вашите идни планови околу проширување и воведување нови содржини во домот и што уште планирате во наредниот период?
ДАБЕСКА:
Во изминативе 6 месеци работиме со програма која е адаптирана на психофизичката состојба на нашите корисници. Програмата е флексибилна и лесно прилагодлива во однос на желбите на нашите корисници. Заеднички се договараме околу активностите, наш приоритет се нивните желби, секако доколку се соодветни на нивните можности. Исклучително ни е важно да имаат осмислен социјален живот и деновите да им бидат активни. Постојано се дополнува програмата, па така во наредниов период имаме организирана посета на театар, семинар за акупунктура на 29 мај е закажана евергрин журка со жива свирка на која ќе се дружиме и заедно со членовите на семејствата. Постојано сме во тек со сите новитети како во регионов, така и пошироко, а како установа се стремиме кон континуирана едукација и примена на иновативни методи.

МАРИЛИ: 

Како успешна жена менаџер, колку е напорно да се најде време успешно да се раководи една ваква установа, а истовремено да се одговори и на приватните и семејните обврски? Имате ли поддршка од Вашето семејство?
ДАБЕСКА:
Раководење со ваква установа е навистина тешко, комплексно и многу одговорно. Секојдневно се реализираат многу активности кои треба да бидат завршени навремено, за сè да биде функционално. За тоа е неопходно да се има добар тим. Со добро организирана тимска поставеност, добри резултати лесно се постигнуваат.
Приватните обврски ги извршуваме фамилијарно. Во мојот дом не постои строга поделба на задачи, зависно во моментот кој има повеќе време тој ги извршува обврските. Заедно со сопругот и ќерката која има 17 години, делуваме тимски. Одамна сфативме дека кога сме добро синхронизирани, си го олеснуваме заедничкиот живот и на тој начин имаме повеќе време за исполнување на заедничките интереси. Всушност и сопругот и ќерката ми се најголемиот двигател и нивната поддршка е најзначајниот фактор во сè што работам.
Но, да бидам искрена понекогаш се чувствувам како жонглер. Се случува понекогаш тешко да ги балансирам приватните и професионалните обврски навреме, бидејќи ги има многу. Но, тоа е стилот на живот кој сама го одбрав. Понекогаш е мачно, но таа динамика на навистина активен живот го исполнува мојот дух. Знам дека кога би водела пасивен живот, не би била ниту исполнета ниту среќна. Се случува многу често да посакам денот да трае подолго или деновите да не ми пролетуваат толку брзо, но за среќа тоа брзо го надминувам.

 

Содржината е прочитана 660 пати.