Инфо

Од 1 август поевтинува парното во Скопје

Според новиот ценовник на Регулаторната комисија за енергетика вкупниот трошок за топлинска енергија за потрошувачите на БЕГ се намалува за 6 отсто, за потрошувачи на ЕЛЕМ Енергетика за 13,5 отсто, а за приклучените на „Скопје Север“ за 12 проценти

среда, 31 јули 2019

Од 1 август ќе важат нови цени за парно греење во Скопје. Според новиот ценовник на Регулаторната комисија за енергетика вкупниот трошок за топлинска енергија за потрошувачите на БЕГ се намалува за 6 отсто, за потрошувачи на ЕЛЕМ Енергетика за 13,5 отсто, а за приклучените на „Скопје Север“ 12 проценти.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски денеска соопшти дека одлуките за утврдување на цените за топлинска енергија на трите компании кои работат на територија на Скопје се донесени на денешната седница на комисијата. Тој појасни дека поради зголемената цена на природен гас од 20,4 проценти во 2019 споредено со 2018 година, вкупните трошоци за набавка на енергенсот на БЕГ-производство се зголемени за 24 проценти, што е 2,6 милиони евра.

„Овие зголемени трошоци делумно ги амортизиравме со тоа што прв пат со нашите одлуки предвидуваме ТЕТО АД Скопје, како когенеративна постројка да продава топлинска енергија која што е за 15 проценти пониска од цената на БЕГ производство. Влијанието на исклучените потрошувачи изнесува 7 проценти, или во пари 1,8 милиони евра.
Оваа година влијанието ќе биде 4 проценти, односно, околу еден милион евра, а следната ќе биде 3 проценти, или околу 800.000 евра. Благодарејќи на иницијативата која ја поведе РКЕ при носењето на новите правила за снабдување со топлинска енергија, со што се намали ДДВ-то за топлинска енергија од 18 на 5 проценти, се доведовме во ситуација да се намалат вкупните трошоци на потрошувачите приклучени на БЕГ од 1 август за 6 проценти“, рече Бислимовски.

Намалувањето од 13,5 проценти за потрошувачите приклучени на Енергетика во Општина Гази Баба, во населбата Железара и делумно Маџари, дава сигнал да има уште повеќе потрошувачи приклучени на системот за парно во овој дел од Скопје, додека за оние околу 460 корисници на услугите на „Скопје Север“, РКЕ предлага да се вклучат во системот на ЕЛЕМ Енергетика, или на системот на БЕГ, затоа што актуелниот снабдувач се соочува со проблем за покривање на трошоците за набавка на природен гас.

Бислимовски потенцираше дека ова е најголемо намалување на цените на парното греење во изминатиот период и тоа треба да поттикне што поголем број потрошувачи да се приклучат на централниот систем за греење.
 

Содржината е прочитана 44 пати.