Бизнис вести

Индустриското производство падна за 2,7 проценти за една година

Во јуни годинава во однос на истиот месец лани има пад од 6,7 отсто кај преработувачката индустрија, од 10,1 проценти кај нетрајните производи за широка потрошувачка, 3, 1 отсто кај капиталните производи и 4,7 отсто кај интермедијарните производи

среда, 31 јули 2019

Индустриското производство има пад од 2,7 проценти за една година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, според кои индексот во јуни годинава изнесувал 97,3.

Падот на индустриското производство доаѓа по повеќе од едногодишен континуиран раст кој во мај изнесуваше 1,2 отсто, а во јуни 2018 година, пак, дури 12,1 отсто.

Во јуни годинава во однос на истиот месец лани има пад од 6,7 отсто кај преработувачката индустрија, од 10,1 проценти кај нетрајните производи за широка потрошувачка, 3, 1 отсто кај капиталните производи и 4,7 отсто кај интермедијарните производи.

Најдраматичен пад има кај Производството на метали и фабрикувани метали од 30,6, односно од 58,7 отсто, но состојбата не е подобра ниту во секторите Производство на кожа и кожни производи каде има пад од 34 проценти и Преработка на дрво и производи од дрво со забележан пад од 25,2 отсто.

Причината за падот во преработувачката индустрија, која е еден од најзначајните сектори, како што констатира ДЗС, е резултат на намаленото производство во неколку оддели и тоа: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на облека, Производство на кожа и слични производи од кожа и Производство на метали и други

Податоците на ДЗС покажуваат раст од 5,2 отсто во секторот Рударство и вадење на камен, 34,3 проценти во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација и пораст од 2,6 отсто во Трајни производи за широка потрошувачка.

Паѓа и бројот на вработени во индустријата кој во мај 2019 годинава бил помал за 2,5 поценти во однос на истиот месец минатата година. Според ДЗС, за една година бројот на работници кај секторот Рударство и вадење камен е намален за 1 процент, кај Преработувачката индустрија за 2,7 отсто, кај Енергија за 1,2, кај Трајни производи за широка потрошувачка за 5,8, а кај Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5 проценти. Зголемување на бројот на вработени има единствено кај капиталните производи и тоа за 2,4 отсто.
 

Содржината е прочитана 46 пати.