Бизнис вести

Парното греење ќе стигнува до скопјани преку Град Скопје

Владата денеска донесе одлука на Град Скопје да му ја даде на трајно користење топловодната мрежа со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, Градски Енергетски Системи (ГЕС)

вторник, 30 јули 2019

Парното греење ќе стигнува до скопјани преку Град Скопје кој ќе ја дистрибуира топлинската енергија до граѓаните. Владата денеска донесе одлука на Град Скопје да му ја даде на трајно користење топловодната мрежа, со која ќе управува новоформираното претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас, Градски Енергетски Системи (ГЕС).

Од Градот Скопје информираат дека преку АД ГЕС - Скопје ќе спроведува мерки за намалување на аерозагадувањето во градот кое е последица на затоплувањето на објектите, на среден рок преку развој и проширување на топлификациската мрежа, ќе дава сбвенции за приклучување, ќе се грижи за подобрување на енегетската ефикасност на објектите, за намалување на потрошувачката на енергија преку регулација, како и за изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас.

„ГЕС ќе овозможи обмислени градски енергетски политики, одговорен пристап кон енергетската ефикасност и рационален пристап во комбинирањето на топлификациската и гасоводната мрежа низ градот. ГЕС ќе има изменет пристап кон корисниците во кој приоритет ќе има бројот на приклучени претплатници и ширењето на мрежата, наспроти максимизирањето на профитот и рационализирањето на трошоците и инвестициите, како што е случај со сегашните дистрибутери на топлинска енергија“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Целта е, како што се потенцира, парното греење да биде достапно за сите, граѓаните да добиваат пониски сметки, да се запре бранот на исклучување од системот и да се вратат во мрежата оние корисници кои го напуштиле овој начин на затоплување поради превисоките сметки за парно.

Градот Скопје ќе ги субвенционира потенцијалните нови корисници и ќе вложува во енергетска ефикасност на објектите кои треба се приклучат на топлификацискиот систем, со што директно ќе влијае на намалување на потребата од топлинска енергија за затоплување, а со тоа и на намалување на трошокот за затоплување.

„Со функционално поврзување на трите топлификациони мрежи, кои во моментов се одвоени, ќе се создадат можности за вложувања во досега нерегулирани извори на топлинска енергија, со што ќе се создаде конкуренција на пазарот која ќе доведе и до дополнително намалување на цената на топлинската енергија“, велат од Град Скопје.

 

Содржината е прочитана 62 пати.