Култура

Концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на „Охридско лето“

Под диригентско раководство на Олег Кондратенко ќе настапат виолинистката Софија Никоска и саксофонистот Иван Трајановски

понеделник, 29 јули 2019

Камерниот оркестар на Музичката младина на Република Северна Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ вечерва ќе одржи концерт во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. Под диригентско раководство на Олег Кондратенко ќе настапат виолинистката Софија Никоска и саксофонистот Иван Трајановски.

Виолинистката Софија Никоска е родена во 1991 година во Прилеп, каде го започнува своето музичко образование. Средното музичко училиште го завршува во Скопје, после кое се запишува на Факултетот за Музичка уметност во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко на само петнаесет години и станува најмладиот бруцош воопшто на ФМУ. Дипломира со највисока оцена – Cum Laude, а потоа ги завршува и магистерските студии на ФМУ. Од 2011-2017 година е студент во класата на реномираниот проф. Захар Брон во Кралскиот колеџ за Музика во Мадрид, Шпанија, како стипендист на фондацијата „Албениц“.

Саксофонистот Иван Трајаноски (1995, Скопје) своето музичко образование го започнал на десет години во својот роден град. Во 2013 година матурира во класата на проф. Владимир Трајаноски. Своето образование го продолжува на музичката Академија во Љубљана во класата на проф. Матјаж Древеншек, а го надградува кај еминентни професори и истакнати саксофонисти како што се: Филип Гајс, Жан Дени Мишат Миха Ргина, Николас Прост, квартетот „Сигнум“ и др.

Камерниот оркестар на Музичката младина постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ- Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.

 

Содржината е прочитана 117 пати.