Инфо

Од денеска поскапе патарината во Србија за 12 отсто

Според новиот ценовник, на автопатот Белград-Ниш, во зависност од категоријата на возилата, ќе се наплаќа патарина од 450 до 5.410 динари, или од 3,8 евра до 45,8 евра, а од Ниш до Прешево од 600 динари (5 евра за автомобили) до 3.630 динари (30 евра)

понеделник, 29 јули 2019

Патарините на автопатите во Србија од денеска се поскапи за 12 отсто, објави јавното претпријатие „Патишта на Србија“.

Од 7 часот утрово стапи на сила новиот ценовник, кој со детален приказ на новите цени по делници е поставен на сајтот на Јавното претпријатие.

Според новиот ценовник, на автопатот Белград-Ниш, во зависност од категоријата на возилата, ќе се наплаќа патарина од 450 до 5.410 динари, или од 3,8 евра до 45,8 евра. За автомобили патарината на оваа делница изнесува 900 динари.

На делницата од Ниш до Димитровград патарината ќе чини од 210 (1,7 евро) до 1.250 динари (10,6 евра), од Ниш до Прешево патарината ќе чини од 600 динари (5 евра за автомобили) до 3.630 динари (30 евра), додека од Љиг до Прељина, ќе се наплаќа од 160 (1,3 евра) до 910 динари (7,7 евра).

Возењето по делницата Белград-Суботица ќе чини од 320 динари (2,7 евра) до 3.740 динари (29,4 евра).
Во правец кон Хрватска, пак, за патарина од Белград до Шид ќе се плаќа од 410 (3,4 евра) до 2.530 динари (21,4 евра).

Патарините во Србија последен пат поскапеа на 7 јануари 2017 година за 10 отсто.

 

Содржината е прочитана 95 пати.