Култура

Народниот театар од Битола со маестрална изведба на претставата „Бакхи краток преглед на распадот“

Вечерва на „Охридско лето“ ќе може да се слушнат акорди од гитарата на Гркинката, Елена Папандреу, која ќе одржи целовечерен концерт во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

петок, 26 јули 2019

Еден од најдобрите и најуспешните театарски ансамбли во Македонија, Народниот театар од Битола со својата маестрална актерска игра го донесе Еврипид синоќа на сцената на „Охридско лето“ преку театарската престава „Бакхи-Краток преглед на распадот“ режирана и адаптирана на современиот свет од Игор Вук Торбица.

Директорот на Битолскиот народен театар, Иван Јерчиќ вели дека е голема чест, но и задоволство да се работи со еден ваков исклучително добар режисер.

„’Бакхи –краток преглед на распадот’ е претстава на еден од најнаградуваните режисери во регинот во моментов, Игор Вук Торбица. Затоа, јас и Илина Чоревска не се двоумевме да го поканиме и огромно е задоволството што тој прифати да работи во нашиот театар. Тоа на некој начин беше своевиден гарант за квалитетот на претставата и новото кон кое се стремиме ние во Битолскиот народен театар. ’Охридско лето’ е голем, реномиран фестивал на којшто ни е задоволство да доаѓаме секоја година. Нашата идеја е секоја година да се претставуваме со што поквалитетна претстава“, појаснува Јерчиќ. 

Според Илина Чоревска, уметнички директор на Битолскиот народен театар и еден од актерите во драмата,годинава овој театарски ансамбл на „Охридско лето“ го носи најдоброто, проект којшто, како што вели, го зближил актерскиот тим што работел на самата претстава.

„’Бакхи-Краток преглед на распадот’ е претстава која кореспондира со светската театарска сцена и која во секој случај провоцира и поставува прашања. Станува збор за современ пристап на еден текст од Еврипид што само мајстор како Игор Вук Торбица може да го направи актуелен како денес. Ова е претстава на македонскиот, на балканскиот, на светскиот идентитет, претстава која зборува за оттуѓеноста на луѓето, за суровоста, која на крајот ќе каже дека и системот, и боговите се мртви“, вели Чоревска.

Вечерва на „Охридско лето“ ќе може да се слушнат акорди од гитарата на Гркинката, Елена Папандреу. Жената, која американскиот дневен весник Вашингтон пост ја нарече „поетеса на гитарата“,ќе одржи целовечерен концерт во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
 
Содржината е прочитана 54 пати.