Бизнис вести

Објавен тендер за првата делница од новиот автопат Скопје – ГП Блаце

Делницата од ГП Блаце до почетокот на селото Блаце ќе биде долга два километри и треба да биде изградена за 18 месеци.

четврток, 25 јули 2019

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) денеска го објави тендерот за првата делница од автопатот Скопје – Блаце. Делницата од ГП Блаце до почетокот на селото Блаце ќе биде долга два километри и треба да биде изградена за 18 месеци.

Тендерот што ќе биде отворен до 4 септември оваа година денеска јавно го презентираа вицепремиерот Бујар Османи, кој е координатор на Владата за имплементација на проектот Скопје – Блаце и директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.

„Како координатор на проектот ми претставува особено задовоство што денес можеме да објавиме дека стартува проектот Скопје – Блаце, еден од најважните инфраструктурни приоритети на Владата, со кој Република Северна Македонија ќе се поврзе со автопат со Република Косово“, рече Османи.

Директорот Китанов посочи дека автопатот ќе с егради според европски стандарди и по него ќе се вози со брзина од 100 километри на час.

„Идниот автопат ќе биде изграден со две ленти за возење и една за принудно застанување во еден правец. Ширината на лентите за возење ќе биде по 3,5 метри, односно, целосната широчина во еден правец изнесува 10,25 метри, а средниот појас ќе биде широк четири метри“, рече Китанов.

На делницата е предвидено да се изгради една клучка за поврзување со селото Блаце и со постојниот магистрален пат, а проектирани се и два кружни тека заради поврзување со царинскиот терминал Блаце и постојниот магистрален пат, кој, како што истакна Китанов, ќе служи како алтернативен пат.

Вицепремиерот Османи појасни дека на Самитот на Берлинскиот процес што се одржа во Познан, Полска на почетокот од месеов, во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) од Европската унија беа обезбедени нови 27,2 милиони евра грант, односно, неповратни средства наменети за финансирање на вториот дел од трасата што ќе биде во должина од околу 11 километри.

„Со изградбата на овој автопат и негово поврзување со автопатот Приштина – Блаце, временското поврзување меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од преку два часа на помалку од еден час, со што Скопје и Приштина и суштински ќе станат најблиските главни градови на Балканот“, нагласи Османи.

 

Содржината е прочитана 31 пати.