Интервјуа

Интервју со господин Влатко Стефановски, музичар

Ексклузивно интервју со господин Влатко Стефановски по повод првиот семинар за гитара што ќе се одржи од 24 до 26 јуни во Крушево. „Некогаш го проверуваш сопственото знаење и преку пренесување на тоа знаење. Ако не можеш да го пренесеш тоа што го работиш, ако не можеш понатаму да го оставиш, тоа значи дека и самиот не си ги совладал до крај некои дисциплини“.

понеделник, 15 јуни 2015

Со „Сеир“ сакав од една страна да го покажам прстот кон луѓето кои не си ја гледаат својата работа туку гледаат во туѓата, а од друга страна, малку себеси да се ставам во таа категорија на сеирџии.

Во моментов работам на музика за филмот „Ослободување на Скопје“ кој го режира Раде Шербеџија со неговиот син Данило Шербеџија, и речиси секој ден праќам фајлови во Лондон кадешто тие монтираат, не излегувам од студио, тоа ми е сега опсесија, притиснат сум да ја направам таа музика побрзо. А, само под притисок човек може да направи нешто, ако е без притисок тогаш ќе рече - а може и утре ова, може и задутре.

МАРИЛИ: Господине Стефановски, за читателите на летниот каталог кажете ни што е предвидено да се случува на летната работилница за гитара организирана од Министерството за култура, што ќе се одржи во Крушево. Според Вас колку се важни ваков тип на едукации во уметноста од врвни уметници и професионалци во нашата држава?
СТЕФАНОВСКИ:
Ова е првпат некој да се обиде да организира сериозен семинар за ова што го работам, иако порано морам да ви кажам дека сум бил учесник на многу интересни места, сум предавал гитара и воопшто музика, и балканска и македонска музика, на значајни универзитети, во Лос Анџелес, во Лондон, во Париз, Загреб, Београд, во Ново Место на џез работилница, така што имам одредено искуство на таа тема. Меѓутоа, првпат во Македонија ме канат да направам еден таков семинар. Мислам дека ќе биде многу корисно за гитаристи, за почетници, за веќе созреани гитаристи, ќе биде корисно затоашто верувам дека имам што да им пренесам од моето искуство, знаење и занает на помладите музичари и гитарски ентузијасти. Ретко се гледам себеси како ментор, почесто сакам да се гледам како човек кој сѐуште учи и што сѐуште открива работи и сѐуште создава. Некогаш го проверуваш сопственото знаење и преку пренесување на тоа знаење. Самиот себе се проверуваш до каде си стигнал.Ако не можеш да го формулираш или не можеш да го пренесеш тоа што го работиш, ако не можеш понатаму да го оставиш, тоа значи дека и самиот не си ги совладал до крај некои дисциплини. Цел живот сум учел од постарите и од поискусните од мене, од поталентираните, но сепак и има многу што да се научи и од млади луѓе, деца, почетници. Енергијата на младите е огромна и нивните светоназори се честопати збунувачки за нас постарите, а знаат да бидат и инпсиративни.


МАРИЛИ: Се надевате дека можеби ќе откриете некој скриен талент? Голема ли е таа работа да се открие талент во вистински момент на вистинско место?
СТЕФАНОВСКИ:
Тоа редовно се случува, постојано има таленти кои се зачудувачки. Мислам дека моето присуство таму на многумина ќе им значи, затоашто можам да одговорам на работи кои не се само од доменот на техничко свирење гитара.Има толку многу препреки на патот на освојување на сопствениот израз. Јас нема да се обидам да правам мои клонови, ако дојдат сто деца, нема да се обидам моето знаење да им го пренесам како апсолутна вистина, туку како жива материја која може да се менува, да се поставуваат прашања, дури и може да се оспори она што јас го работам – спремен сум и тука да дискутирам и да отворам теми и да разговараме за најразноразни прашања. Можете да свирите на лист и да правите музика, можете да свирите гитара, да сте диригент на некој голем симфониски оркестар, нема правила за музиката.На корка на дрво можете да нацртате икона или од сува трева да направите перница. Има толку многу можности на овој свет.Јас инаку многу го сакам Крушево, тоа е еден бисер среде Македонија и таму атмосферата е инспиративна и без да свирите гирата.Очекувам да поминеме убави два-три дена со млади деца, со гитаристи, со моите пријатели и семјеството.

МАРИЛИ: Дали во моментов работите и на други проекти во нашата земја или пак надвор од неа, и може ли да откриете нешто повеќе за нив?
СТЕФАНОВСКИ:
Во моментов работам на музиката за филмот „Ослободување на Скопје“ кој го режира Раде Шербеџија со неговиот син Данило Шербеџија, и речиси секој ден праќам фајлови во Лондон кадешто тие монтираат, не излегувам од студио, тоа ми е сега опсесија, притиснат сум да ја направам таа музика побрзо. Музиката ќе ја поделиме со еден фински композитор, но сепак мојата работа морам да ја завршам што поскоро. А, само под притисок човек може да направи нешто, ако е без притисок тогаш ќе рече - а може и утре ова, може и задутре.Последниве 20 – 30 години постојано работам под притисок, и барем мене честопати тој ритисок ме стимулира да ја завршам работата.
Сега ќе гостувам во Шведска, имам три концерти во Малме, Гетеборг и Стокхолм, така што меѓу овие мои студиски заглавувања имам и концери, моето трио и верувам дека ќе биде добро.

МАРИЛИ: Преку Вашата музика многу лесно и едноставно, но од друга страна уметнички и оригинално го прикажувате нашиот менталитет. Дали со „Сеир“ сакавте да го отсликате секојдневието?
СТЕФАНОВСКИ:
Со „Сеир“ сакав од една страна да го покажам прстот кон луѓето кои не си ја гледаат својата работа туку гледаат во туѓата, а од друга страна, малку себеси да се ставам во таа категорија на сеирџии. Тоа е наша карактеристика, да речам, менталитет балкански, сакате сфатете го како предност или како маана, тој сеир е многу присутен кај нас.Присутен е како одлика, повеќе сакаме да го ставиме носот во туѓата работа отколку да се обидеме да ја решиме својата. Не е само „Сеир“ албумот, и во другите албуми ќе видите колку имам напишано за нашиот менталитет, на пример песните:„Кула од карти“, „Пустелија“, „Глуво доба“, „Скопје“, „Чукни во дрво“, „Џипси сонг“, ‘Као какао’...сите овие песни веќе во насловите зборуваат за нашиот менталитет. Јас друг менталитет немам, не сум скандинавец, па да пишувам за скандинавскиот металитет, имам пријатели скандинавци, ама можам само за себеси да пишувам, за моето опкружување, за моите соседи, за моите подалечни пријатели, роднини итн. Тоа што го сакам кај нашиот народ, тоа е едноставноста во комуникацијата и спремноста бргу да се оствари контакт и да се разговара – секој на секому му е психијатар, кафето е најголемата психијатрија во нашава средина, кафе седнување и јас со моите проблеми ти со твоите, ќе се изназбориме, ќе си одиме дома, полесно на душата ќе ни биде.
Колку и да навлегува Западот со својот капитализм и со своите продукти, овој народ не можеш да го построиш така лесно, не можеш да го ставиш во калап.Ние (сите балканци) им бегаме на сите правила и на сите очекувања.Ние делиме и имаме нешто заедничко со сите наши соседи. Имаме, се разбира многу свои оригинални работи, кои се автентични за нашата земја, иако се мешавина од сите култури на Балканот. Го сакам најдоброто од мојот народ. Ако почнеме од таа некаква, брат ми ја нарекува – тивка снага, тивка сила, знаете, кога гледате дека некои луѓе знаат многу, а малку покажуваат.Тоа е мудроста на нашиот народ, скромноста и мудроста.Има луѓе кои многу знаат, а не се прават важни.Има и обратно, оние кои малку знаат, а се прават многу важни. Но, питомоста, кроткоста на македонскиот човек мене ме фасцинира. Питомост, питомина.Овој народ минал низ многу премержија, балкански и светскивојни.Да поминеш низ сите тие турбуленции и да останеш свој и нормален, тоа е голема умешност. Сакам да верувам и да ја препознаам таа умешност.

МАРИЛИ: Свирите од својата 13-та година, го имате епитетот најдобар гитарист во Македонија и еден од најдобрите во светот. Но, колку според Вас вистинскиот талент во музиката може лесно или тешко да се афирмира во денешни услови?
СТЕФАНОВСКИ:
Знате што, веќе не можете да се вадите. Медиумите и интернетот се толку присутни во нашите живот што веќе нема скриени генијалци, нема неоткриени генијалци.Сите се на јутјуб, сите се на интернет, сите се на фејсбук.Ако вие откриете лек за рак, а живеете во Кривогаштани, веднаш ќе ве стават на мапа, веднаш со хеликоптер ќе ве однесат во Хјустон да држите мастер клас, и да го продадете вашето откритие.Зачи нема веќе – еј јас решив математичка задача стара 300 години, а никој не ме примети.Значи не е веќе прашање од кај сме, туку што и како правиме.Економски, не сме можеби лидери на погресот и на технологијата, но ако имате талент... светот е ваш.... А и среќата е многу важна. Ние живеевме во поголема држава, но беше и поголема конкуренцијата. Поголем беше пазарот, но и оштрицата беше појака.Да освоиш територија од Гевгелија до сежана не беше едноставно.Требаше да се покажеш, да се докажеш со нешто.Сега територијата од Гевгелија до Нарвик пошироко.Пробај, па освој ја Европа, немаш друг избор.Мислам дека нема неоткриени таленти, туку има неодлучни и несигурни – дали да одам на икс фактор или да отворам пицерија. Тоа е дилемата, некои луѓе отвораат пицерија, а не стануваат пејачи.А, зашто мора сите да се пејачи?Некој треба да е доктор, инжинер, пилот итн.

МАРИЛИ: Сведоци сме дека „Леб и Сол“ остави неизбришлива трага на македонската, но и на југословенската сцена. Колку ваквите квалитетни музичари и групи со своите дела ги поврзуваат и денес народите на поранешните ЈУ простори?
СТЕФАНОВСКИ: Уметниците обично го поправаат она што политичарите ќе го расипат. Додека едни прават раздор помеѓу народите, други мораат да ги прават мостовите. Во последниве 25 години овде на Балканот сведоци сме на сѐ и сешто, и тие мостови што ги изградивме одамнане успеаја да ги срушат. Зборувам и за односите меѓу музичарите, уметниците, фановите и публиката. Во едно интервју за бугарски магазин, интервјуто го завршив со изјавата дека Теодосиј Спасов од Бугарија и јас од Македонија ја трасиравме пругата Скопје- Софија. Сигурен сум дека тоа го направивме, затоашто ние веќе 15 години соработуваме многу успешно. И ниту во еден момент не сме се нашле во ситуација да се скараме на некаква национална основа.Музиката е јазик на човечкиот дух, тоа што не можат зборовите да го кажат музиката е тука да го дообјасни. Ако успеете 40 години да држите еден бенд заедно, тоа значи дека ќе ги убедите и тие што се скептични кон вас и тие што не ве сакаат да покажат малку респект. Битно е упорно да се инсистир
а на тоа што го правиш,битно е да се истрае.Битно е да си упорен во својот пат, и да веруваш во тоа што го правиш.Верувам во тоа што го работам. Некој сака турбо фолк, некој сака рокендрол, јас немам ништо против, кој што сака нека слуша.Некој го сака Моцарт, некој го сака Брамс. Патот е искушение. Нема прав пат, секој пат е со препреки, со кривини, со дупки, со знаци на општа опасност. Ја најавувам таа моја книга во која ќе ги раскажам сите детали и за групата „Леб и сол“ и за останатиот мој живот и работа, ама никако да седнам да пишувам....

МАРИЛИ: Благодорна ли е публиката во Макдонија и на поранешните ЈУ простори? Дали таа возврати или вие многу се трудевте?
СТЕФАНОВСКИ:
Публиката е огледало. Тоа што ќе и дадете, тоа ќе ви врати.Ако и дадете љубов, ќе ви врати љубов.Ако ја плукате, ќе ве плука.Ако фрлите со шише пиво во публика, ќе ви се врати назад шишето.Ако и дадете убавина, ќе ви врати со стоечки аплауз.

МАРИЛИ: Создавате музика за филм и театар, работевте со многу познати имиња, кое е богатството, професионално, но и на личен план да работиш и да се дружиш со врвни луѓе во уметноста, дали би издвоиле некој од нив?
СТЕФАНОВСКИ:
Веќе ви го спомнав Раде Шербеџија, кој е големлик. Јас не знам во колку филмови тој има играно, во колку сцени се има појавено, во колку тетатри има играно на колку јазици има зборувано.Од некој човек ќе научиш како да пиеш вино, од друг ќе научиш како да јадеш риба.Третиот ќе го научиш ти како да јаде пиперки и патлиџани.Четвртиот ќе ти раскаже за негово искуство со некое уште поголемо име. Неодамна бев во Виена, во ресторанот на еден мој пријател што се вика Аки Нуредини, наш човек од Камењане. Истата вечер кај него вечеравме ние и Пласидо Доминго. После неговата оперска изведба на Набуко, дојде во истиот ресторан и тоа беше супер. Беше тоа убаво доживување, јас сум пријател со Аки, Аки е пријател со Пласидо Доминго. Многу од тие мостови, познанства се богатства. Сѐ што сме научиле сме научиле од нашите родители. Човек за време на животот малку вистини ќе научи, освен оние што родителите ви ги кажале.Кога почнав да патувам, почнав да собирам телефонски броеви од разни пријатели, немаше мобилни телефони, имаше од оние адресари.И, ќе запишеш некој број од Нови Сад, од Љубљана, од Загреб. Татко ми во една прилика ми рече, тие броеви, контакти, се најголемото богатство што го имаш. И тоа ми одзвонува во главата.

МАРИЛИ: Дали може да се улови мисла и животна порака во средба со голем човек и таа да си ја запишете во себе како поука, бидејќи не среќаваме секој ден големи луѓе?
СТЕФАНОВСКИ:
Во една прилика се ракував со најголемиот жив композитор, со Енио Мориконе. Бевме заедно учесници на фестивал во Белград и после неговиот концерт се сретнавме во аулата на хотелот,и јас го поздравив и му подарив едно мое ЦД – „Трета мајка“. Му зборував на англиски тој ми одговараше на италијански, тоа беше една кратка средба, ама јас како да се ракував со Далај Лама. Навистина ме просветли таа средба на некој начин. Јас верувам во добри вибрации, сакам да бегам од оние лошите, и цел живот го поминав во потрагапо добрите вибрации.Музиката е вибрација...се е вибрација.

МАРИЛИ: Се залагате за унапредување на екологијата, поддржувате и еколошки проекти во нашата земја. Дали е тоа одлика на љубовта кон природата или желбата и нашата држава да биде дел од културното европско семејство?
СТЕФАНОВСКИ:
Од една страна тоа е љубов кон природата и кон сѐ што е чисто, и сѐ што е здраво, и сѐ што е убаво, а друга страна моја згрозеност кон лесно уништување на природата, кон лесно запоставување на природните ресурси. Кога беше случувањето во Охрид околу GUWAA, ги кажав своите ставови. Пребрзо се трошат ресурсите и пребрзо се уништува планетава Земја. Еве отидете на Стража, напијте се едно кафе, и погледнете долу во планината што се има.Ќе поминат децении додека сфатиме што треба да се чува а што не.Треба да влезе во свеста на луѓето да не фрлаат пикавци и ливчиња , да не ги тресат пепелниците од кола надвор на сред семафор. Треба децени да минат луѓето да сфатат дека и ова надвор од дома ти е исто дома.Да не чистиш само во својата дневна соба, туку и градот и паркот да го сметаш за своја дневна соба.


МАРИЛИ: Како голема уметничка душа на оваа земја, после долги години кариера, каква Македонија би сакале да видите во блиска иднина?
СТЕФАНОВСКИ:
Јас морам да признаам дека сум малку разочаран од ова наше преспоро интегрирање со остатокот од Европа. Тие интегративни процеси некако преспоро одат за мој вкус. Години изгубивме бавејќи се со името, со економски, политички проблеми.Делумно по наша вина а делумно со винс на тие што треба да не интегрираат. Мислам дека има многу лицемерие во тие процеси, многу лажни надежи.Многу удирање по рамо, малку конкретни предлози, понуди и решенија, премногу талкаме во место, отиде нашиот живот...Нашите деца се разбегаа низ светот, затоашто тие не може да живеат во илузија дека еден ден ќе бидеме свет – тие сакаат свет денеска. Ќерка ми Ана е една од тие, еве не се прибрала дома последниве 5 години, доби стипендија самата, магистрираше, сега се обидува да запише докторат,стално е некаде, и понудата што овде и се дава не и е доволна. Децата се разбегаа, за жал.Оваа населба ќе биде населба на пензионери.Луѓето немаат резервен живот. Ние ги потрошивме нашите животи во очекување дека ќе биде подобро - еве само што не сме влегле во Европа, - изгубени илузии.Немаме голема поддршка од надвор, а збркани сме внатре, и не знам каква слика оддаваме надвор. Би сакал да живееме во демократска, независна, слободна, богата Македонија. Сакам да ми се фалат луѓе, не да ми се жалат. Сакам некој да ми каже, фирмата ми е успешна, задоволен сум, имам добра кола, живеам во добра куќа, имам планови за иднина.
 
Содржината е прочитана 527 пати.