Инфо

Утре се одбележуваат 56 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Во 10 часот ќе бидат положени цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел

четврток, 25 јули 2019

Секоја година 26 јули не потсетува на солидарноста на скопјани и на солидарноста на светот од 1963 година кога катастрофалниот земјотрес со својата уривачка моќ однесе многу човечки животи и го претвори Скопје во урнатина. Овој датум е врежан во колективната меморија за Скопје како еден од најтешките моменти во неговата историја и постоење.

Одбележувањето на 56-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година ќе започне со положување цвеќиња во 10 часот на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Во 19,30 часот, на Школка во Градски парк, со концерт на Градскиот мешан хор „Вардар“ ќе започне концертот со кој Град Скопје оваа година го одбележува 26 јули, а потоа ќе следуваат Биг Бендот под водство на Љупчо Мирковски, поп ѕвездата Канита Сума, познатиот грчки хармоникаш Танос Ставридис, српската пејачка на изворни песни Биља Крстиќ и нашиот Влатко Стефановски.

Дополнително, градските институции секоја година се вклучуваат во одбележувањето на 26 јули. Така, МКЦ го подготвува настанот „МКЦ за Скопје“ со целодневна програма. Покрај двете креативни работилници за деца коишто ќе започнат во 18,30 часот за креативно пишување, илустрација и цртање и богатата музичка програма, посетителите точно на полноќ ќе имаат можност да ја погледнат и проекцијата на „Ослободување на Скопје“ од Раде Шербеџија.

Во Музејот на Град Скопје во тек е изложбата на фрескокопии од Скопскиот регион.

Утревечер во 19 часот во Градскиот парк на Школка ќе се одржи и работилница за деца „Обој го Скопје“, инспирирана од боенката „Скопје 091“.

Од Град Скопје велат дека одбележувањето на овој ден е потсетник за сите нас за подадената рака од хуманите луѓе и за тоа што се направи светот за нас во тие тешки и трагични моменти.

 

Содржината е прочитана 30 пати.