Инфо

Еуростат: Најскапа земја во Европа е Исланд, најевтина Турција, а Македонија е претпоследна

Од земјите во регионот најскапа е Хрватска, Словенија се наоѓа на 19. место, Црна Гора на 30 место, а потоа следуваат Србија, Албанија, БиХ која е на 34. место, па Бугарија

четврток, 25 јули 2019

Најскапа зема за живеачка во Европа е Исланд, најевтина е Турција, а претпоследна, на 36. место на листата е Македонија, покажуваат последните податоци на Еуростат. Просечната плата во Исланд изнесува 4.500 евра, во Македонија 400 евра.

Еуростат земјите ги рангира според основните трошоци за живеење, односно, според цените на храната, облеката, транспортот, кириите, алкохолот, цигарите...

Во Македонија, по Турција, се живее најевтино, иако на едно четиричлено семејство му се потребни 33.000 денари за да ги задоволи основните потреби во месецот, наспроти 25.270 денари колку што изнесува просечната плата.

Според Еуростат, од земјите во регионот најскапа е Хрватска, каде водата, на пример, чини 2,5 евра. Словенија се наоѓа на 19. место, Црна Гора на 30 место, а потоа следуваат Србија, Албанија, БиХ која е на 34. место, па Бугарија.

Во топ 5 најскапи држави во Европа спаѓаат Исланд, Швајцарија, Норвешка, Данска и Ирска. Следната петорка, пак, ја сочинуваат Луксембург, Финска, Шведска, Велика Британија и Холандија.

Најскапо за живеење во Европа е во Исланд, каде цените лани биле дури 56 отсто поголеми од европскиот просек. Така, на пример, пица во еден ресторан во Исланд чини 17 евра, чаша вино околу 10, а пиво 7 евра. Станарина за помал стан во центар на град во оваа земја изнесува 1.300 евра месечно.
 

Содржината е прочитана 62 пати.