Култура

„Охридско лето“ пулсираше со звуците на виолината на Стефан Миленковиќ и пијаното на Владимир Милошевиќ

Вечерва концерт ќе имаат руските уметници, виолончелистот Денис Шаповалов и пијанистот Александар Вершинин

среда, 24 јули 2019

Уште една извонредна вечер на „Охридско лето“. Долги и стоечки овации, бисови, задоволна публика и уметници кои пленија со своето музицирање и со својата скромност и внимание кон публиката. Ваква атмосфера имаше во црквата „Света Софија“ на концертот на српскиот виртуоз на виолина, Стефан Миленковиќ и неговиот колега, пијанистот, Владимир Милошевиќ.

Дуото Миленковиќ-Милошевиќ приреди квалитетна програма, која, како што рекоа и самите уметници е прилагодена за летниот период.

„За нас е чест да свириме овде, во Охрид, а посебно во оваа црква, за која имам чувство дека е храм на музиката. Акустиката што ја има овде додаде златна аура на нашиот тон, а тоа ретко го има некаде. Публиката не почести со бисеви, а ние возвративме со композицијата ’Во стилот на Албениз’ на Родион Счедрин, еден вид танго на современ начин. На вториот бис отсвиривме композиција на еден Навахо Индијанец од Аризона, кој при мојата посета на САД го преработи делото ’Којоти’ за виолина и пијано, а кое инаку е напишано за пијано“, изјави Миленковиќ по завршување на концертот.

Српските уметници првиот дел од концертот го започнаа со бетовеновата Соната број 1, соната со многу енергија, ремек дело, а потоа следуваше куса свита од балетот „Бакнежот на самовилата“ од Игор Стравински. Во вториот дел од настапот големите уметници го „донесоа“ на подиумот италијанскиот композитор Никола Кампогранде со едно дело што го напишал по примерок на Паганини, поточно инпирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано. Потоа следуваше делото „Легенда“ од полскиот композитор Хенрик Виењавски, а на крајот од вечерта отсворија и валц-скерцо од Петар Илич Чајковски.

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на руските уметници, виолончелистот Денис Шаповалов и пијанистот Александар Вершинин. Концертот ќе се одржи повторно во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

 

 

Содржината е прочитана 51 пати.