Инфо

Охрид и Струга да прогласат мораториум на градежните активности

Владата ги задолжи двете оштини во рок од 10 дена да изготват акциски планови со рокови за спроведување на препораките на УНЕСКО

среда, 24 јули 2019

Општините Охрид и Струга да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство и во рок од 10 дена да подготват акциски план со рокови до кога ќе ги спроведат препораките на УНЕСКО. Ова беше одлучено вчера на владина седница на која исто така беше повлечен од процедура на донесување Законот за управување со културно наследство во охридскиот регион.

Владата ги задолжи двете општини два дена откако општинските совети ќе ги усвојат акциските планови, да ги информираат министерствата за транспорт и врски, за култура и за животна средина и просторно планирање. Министерствата се задолжени да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за напредокот.

Утрово се огласи Општина Охрид со соопштение во кое се наведува дека по налог на градоначалникот Константин Георгиески во рок од 10 дена ќе биде изготвен Акциски план со роковник за спроведување на препораките од УНЕСКО и веднаш по изготвувањето планот ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, пак, пред неколку дена соопшти дека ѝ ги отстапува на Владата надлежностите на Општина Струга во сферата на урбанизмот во делот на издавање дозволи за градба, легализација на објекти, концесии како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на сесијата што ја одржа во Баку, Азербејџан некои активности на нашата Влада ги смета за позитивни, како што е укинувањето на плановите за ски-центар и за експресен пат на Галичица, проектите за колекторскиот систем и пренасочувањето на реката Сатеска.

Комитетот на УНЕСКО во Баку донесе одлука и да се прошири границата на заштитеното добро, со што се вклучува и делот од Охридското Езеро во Република Албанија.

Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за светско културно наследство под заштита на УНЕСКО во 1980 година.
 

Содржината е прочитана 81 пати.