Инфо

АХВ: Во Македонија нема африканска свинска чума, но се преземаат мерки за заштита

Болеста веќе е проширена во областа Русе во Бугарија, но и во Романија и во други држави од Источна Европа

среда, 24 јули 2019

Во Македонија нема африканска свинска чума, но, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), сепак, ги зголемува безбедносните мерки бидејќи оваа болест веќе е проширена во областа Русе во Бугарија, но и во Романија и во други држави од Источна Европа.

Директорот на АХВ, Зоран Атанасов апелира до граѓаните кои ќе патуваат надвор од државата, во Македонија да не внесуваат храна од животинско потекло, а одгледувачите да не ги одгледуваат свињите на отворено.

Покрај воведената забрана за увоз, АХВ спроведува и едукативни мерки за одгледувачите, а ја интензивира и соработката со сите институции со цел состојбата да се држи под контрола. Во таа насока, а со оглед на зголемената фреквенција на патници поради годишните одмори, Агенцијата бара од Царинската управа зголемени контроли на багажот на патниците. Исто така, потпишано е решение за контролирано убивање на дивите свињи и испитување на мострите од убиените диви свињи кои се најчест преносител на вирусот.

Болеста африканска свинска чума не е опасна за луѓето, но го уништува добитокот. Се шири најчесто преку дивите свињи.
 

Содржината е прочитана 100 пати.