Култура

Концерт на виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ на „Охридско лето“

Уметникот од Србија ќе настапи заедно со неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ во црквата „Света Софија“

понеделник, 22 јули 2019

Големиот виртуоз на виолина со светско реноме, Стефан Миленковиќ од Србија утревечер ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“ заедно со неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ. Концертот ќе биде во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Како што истакна директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција, станува збор за уметник кој е миленик на сите генерации и кој секогаш приредува концерти за паметење.

Миленковиќ, кој не го криеше задоволството што е повторно во Охрид, каде, како што рече, има прекрасни спомени од детството и многу пријатели, за утрешниот концерт тој најави добро одбрана летна, но квалитетна програма.

„Се надеваме дека концертот утревечер ќе и се допадне на публиката, бидејќи се работи за атрактивна програма. Ќе има од се по малку. Ќе почнеме со бетовеновата Соната број 1, неговата прва соната со многу енергија, ремек дело зашто тој не објавувал ништо што не е совршено подготвено. Потоа ќе има еден балет, ’Бакнежот на самовилата’ од Игор Стравински. Од него е направена свита во кусо издание од 20-тина минути. Во вториот дел започнуваме со македонска премиера, дела на италијанскиот композитор Никола Кампогранде со едно дело што го напишал по примерок на Паганини, поточно инпирирано од Паганини, а изведено на современ начин на виолина и пијано. Потоа ќе следува делото ’Легенда’ од полскиот композитор Хенрик Виењавски и на крајот ќе отсвириме валц-скерцо од Петар Илич Чајковски“, најави Миленковиќ.

Неговиот колега, пијанистот Владимир Милошевиќ истакна дека првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“, но редовно ја следи и чита за фестивалската програма преку интернет.

„’Охридско лето’ е еден од најзначајните фестивали во овој дел од Европа, и токму поради тоа голема е честа да се настапи овде. Секоја година ја следам програмата преку интернет и се радувам што има одлични концерти и фантастични уметници“, рече Милошевиќ.


 

Содржината е прочитана 51 пати.