Бизнис вести

Отворен првиот „Point Retail Park“ во Скопје

Инвеститор е компанијата „Али Тобако“ која во овој центар кој што се наоѓа во општината Бутел вложи девет милиони евра, а ќе отвори 200 нови работни места

петок, 19 јули 2019

Скопје официјално го доби првиот „Point Retail Park“, трговски парк по примерот на европските метрополи. Инвеститор е компанијата „Али Тобако“ која во овој центар кој што се наоѓа во општината Бутел вложи девет милиони евра, а ќе отвори 200 нови работни места.

„Point Retail Park“ е прв ваков тип на шопинг центар во Скопје, лоциран во општината Бутел, на местото на некогашната фабрика „Типо“. Позициониран е на достапна локација, на раскрсницата помеѓу булевар „Словенија“ и „Македонско – Косовска бригада“, кои се стратешка комуникациска точка помеѓу населбите Центар, Карпош, Бутел и Чаир. Се простира на површина од 9.500 квадратни метро и ќе има 300 паркинг места.

Во „Point Retail Park“ ќе има голем број познати домашни и странски брендови кои имаат што да понудат. Според Влатко Богоевски, генерален директор на Фортон МКА/ Cushman & Wakefield, која е екслузивен лизинг агент на „Point Retail Park“ интересот од брендовите бил огромен уште од самиот почеток.

„Овој концепт кој е развиен насекаде во светот, посебно во Европа и во регионот како Србија, Хрватска, Косово, Црна Гора, е веќе високо позициониран во овој сегмент. Ние успеавме за кратко време да го наполниме целосно со голем број брендови кои се светски познати, но и локални кои навистина имаат што да понудат. Од самиот почеток и најавата побуди голем интерес кај потенцијалните закупци. Оваа инвестиција која е прва од ваков тип со сигурност ќе влијае на економијата во Македонија и ќе ја направи горда, позиционирајќи го Скопје како лидер во регионот“, рече Богоевски

Посетителите во „Point Retail Park“ ќе можат да уживаат во шопинг на познати брендови како „LC Waikiki“, „Sport Vision“, KFC, „JYSK“, „Нептун“, „Зегин“, „Сара Фешн“, LTB, „Шатци парфимерии“, „Спортекс“, КРШ, „Д Спортска опрема“ и други. Во склоп на „Point Retail Park“ ќе има и ексклузивен ресторан, супермаркет КИТ-ГО, игрoтека и продавница за деца КРШ на површина од 2.500 квадратни метри.

„Отварањето на ’Point Retail Park’ е доказ за еднаквиот третман на инвеститорите и ќе ја зголеми атрактивноста на земјата како туристичка и, во случајов, шопинг дестинација, отворајќи можност за зголемување на бројот на туристи, пред сѐ од соседните земји во Скопје, кој со речиси 340 илјади домашни и странски туристи минатата година беше најпосетуваната туристичка дестинација во земјата. Од друга страна, концептот што го нуди овој прв ’Point Retail Park’ кај нас и големиот број содржини кои ги задоволуваат потребите и вкусовите на различни генерации граѓани, верувам дека ќе придонесе овој комплекс да се претвори во посакувано место за целото семејство и популарно врталиште во кое ќе можете да ги споите извршувањето на обврските и релаксацијата, а за најмладите и забавата.
Оваа инвестиција од девет милиони евра во општината Бутел ќе придонесе за локален, регионален, но и развој на националната економија“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши кој присуствуваше на свеченото отварање на комплексот.

Според сопственикот Али Ќаили, инвестицијата ќе влијае позитивно на Скопје и државата генерално, позиционирајќи ја Македонија како лидер во регионот.

„Многу сме среќни и горди што денеска го отвораме првиот ретаил парк кај нас, кој со својот принцип на работа ќе постави темели на еден поинаков модерен и европски концепт, кој во иднина може да претставува пример. ’Point Retail Park’ е инвестиција која ќе ги отвори вратите за околу 200 лица. Сакам да им се заблагодарам на сите закупци кои го препознаа нашиот план и ја препознаа нашата инвестиција“, изјави Али Ќаили, сопственик на „Point Retail Park“

Градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски рече дека оваа инвестиција ќе ја позиционира Општинaта на повисоко ниво и ќе влијае на локалниот економски развој и модернизација на Бутел.

 

Содржината е прочитана 465 пати.