Култура

Маестрален настап на Националната Опера и Балет на „Охридско лето“ со балетот „Либертанго“

Синоќа се одржа и традиционалната Вечер на Европската унија под покровителство на Амбасадата на ЕУ во Република Северна Македонија

петок, 19 јули 2019

Маестрален настап на фестивалот „Охридско лето“ синоќа приреди Националната Опера и Балет на Република Северна Македонија поставувајќи ја балетската претстава „Либертанго“ на една од најпопуларните танго-композиции на 20-от век на Астор Пјацола.

Публиката во Долни Сарај се воодушеви од мајсторските изведби на Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, Марија Кичевска Шокаровска, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Игор Веланоски, но и на сите уметници кои совршено владееја со сцената.

Кореографијата за балетската претстава „Либертанго“ ја работеше познатата италијанска кореографка и поранешна балерина, Сабрина Боско со асистентите-кореографи Горан Божинов и Олга Панго, а либретото за животна приказна на композиторот Пјацола и режијата се на Наташа Поплавска.

„Либертангото“ ја долови приказната за создавањето и патот на тангото на кое токму Пјацола му даде нови жанровски димензии и го доведе до совршенство. 

Публиката во црквата „Света Софија“, пак, уживаше во звуците од пијаното со кое беспрекорно владееше финскиот пијанист Оли Мустонен преку Сонатата за пијано во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, Шесте мазурки на Фредерик Шопен, Сонатината во фис-мол од Јан Сибелиус, Сонатата за пијано бр. 7 Б-дур од Сергеј Прокофјев, како и Соната за пијано „Јехкин ливана“ напишана од самиот пијанист кој со своето музицирање ја воодушеви публиката.

Синоќа се одржа и Вечер на Европската унија која се одржува традиционално на фестивалот „Охридско лето“ под покровителство на Амбасадата на Европската унија во Република Северна Македонија. Вчерашниот концерт го следеше и Амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Самуел Жбогар кој како добар домаќин ја пречекуваше публиката на влезот од црквата.

„Морам да кажам дека ’Охридско лето’ е прекрасен фестивал со многу долга традиција. Им носи радост на охриѓани, но се разбира и на туристите. Квалитетот на фестивалската програма е одличен и горди сме што секоја година сме дел од ’Охридско лето’. Годинава, бидејќи Финска го презеде претседавањето со Европската унија, во оваа величенствена црква донесовме одличен фински пијанист“, изјави евроамбасадорот Жбогар.

 

Содржината е прочитана 137 пати.