Инфо

На УКИМ ќе можат да се запишат 10.665 бруцоши

Првиот уписен рок е на 29 и 30 август, вториот на 12 и 13 септември и третиот рок на факултетите каде што ќе има слободни места е на 25 септември

четврток, 18 јули 2019

Вкупно 10.665 бруцоши ќе можат да се запишат на најстариот државен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје во прва година додипломски студии во учебната 2019/2020 година.

Според Конкурсот на УКИМ, во квотата за редовни студенти слободни се 5.387 места, за редовни со кофинансирање на студиите има 4.248 места, а за вонредни студенти 1.030 слободни места. Редовните студенти ќе плаќаат 200 евра, а за оние што ќе се запишат во квотата за кофинансирање, како и за вонредните студенти надоместокот е 400 евра.

Првиот уписен рок е на 29 и 30 август, вториот на 12 и 13 септември и третиот рок на факултетите каде што ќе има слободни места е на 25 септември.

На веб страницата на УКИМ веќе е објавен Конкурсот каде се содржани критериумите и условите за упис во новата академска година, која официјално започнува на 1 октомври.

Инаку, годинава на УКИМ има 996 слободни места помалку од минатата година, што се должи на континуираното намалување на бројот на матуранти, но и на барањата на раководствата на факултетите. Конечниот број на студенти што можат да се запишат на државните универзитети го одредува Владата.

Најдрастична промена во квотите се забележува кај Економскиот факултет, каде што годинава има слободни 700 места, за разлика од лани кога квотата беше 1.120. Затоа, пак, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ годинава ќе има 20 студенти повеќе, односно ќе можат да се запишат 1.055 бруцоши.

Повеќе слободни места годинава има и на Медицинскиот факултет и тоа за 30, што значи дека ќе можат да се запишат 660 студенти, додека на Фармацевтскиот факултет има 50 места помалку, односно вкупно 220.
Во однос на техничките факултети, повеќе студенти од лани се планирани само на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) каде има 690 слободни места што е 30 повеќе од лани. На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) ќе можат да се запишат 20 бруцоши помалку, односно има вкупно 1.080 слободни места, а на Машинскиот факултет се предвидени дури 100 студенти помалку од лани, па годинашната квота изнесува 540. И Технолошко-металуршкиот факултет ќе прими 30 студенти помалку од лани.

Бројот на слободни места на Архитектонскиот како и на Градежниот факултет останува непроменет од минатата година, што значи дека на Архитектура ќе можат да се запишат 120, а на Градежен 420 нови студенти.

Помалку слободни места има и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ каде квотата е 1.075 студенти.
 

Содржината е прочитана 30 пати.