Инфо

„Дрисла“ пак станува јавно претпријатие во надлежност на Град Скопје

Оваа одлука на градските советници доаѓа откако концесионерот, германски „Шолц“ не ја почитувал одлуката во рок од 30 дена да основа Друштво за посебна намена со кое Градот би постигнал договор за управување со депонијата

среда, 17 јули 2019

Советот на Град Скопје денеска на вонредна седница ги поништи претходните договори и постапки за давање на депонијата „Дрисла“ под концесија и одлучи истата повторно да стане јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје.

Оваа одлука на градските советници доаѓа откако концесионерот, германски „Шолц“ не ја почитувал одлуката во законскиот рок од 30 дена да основа Друштво за посебна намена со кое Градот би постигнал договор за управување со депонијата.

Образложувајќи ги ваквите одлуки пред градските советници градоначалникот Петре Шилегов рече дека со нив се дава можност да се затворат сите аномалии и голготата низ која беа ставени граѓаните на Скопје во изминативе 8 години.

„За Скопје ќе правам компромиси со секого, но со Скопје нема да правам компромиси со никого и кога ме прашавте кој ќе биде гарант за доследно спроведување на одлуката, ви одговорив дека јас ќе бидам гарант за спроведувањето. Минатата одлука се темелеше врз основа на одлуката на Вишиот управен суд, со која предметот беше вратен на повторно постапување. Ние тогаш постапивме согласно со насоките на судот, и повторно постапивме избирајќи нов концесионер. Согласно правилата на тендерската документација, новиот концесионер имаше рок од 30 дена да основа правно лице на територија на РСМ, правно лице кое ќе беше субјектот со кој Градот би постигнал договор за управување со ’Дрисла’. Сите инволвирани во постапката беа известени на 13.06.2019 година, согласно одлуката што ја донесовте минатиот месец, вклучувајќи ги и фирмите од конзорциумот предводен од компанијата ’Шолц’, кои според она што го имаме добиено повратно од ДХЛ пошта, известувањето го имаат добиено на 14.06.2019 година. Тендерските правила се ригорозни, 30 дена изминаа кога требаше да основаат фирма. Ние чекавме до 15.06.2019 година, бидејќи тоа е законскиот рок, но до 15-ти Градот ниту доби известување, ниту доби уверување дека такво правно лице е основано. Со тоа ние немаме правен субјект со кој Градот може да постигне договор“, рече Шилегов.

Градоначалникот појасни дека веднаш по изминување на рокот, тој побарал да биде свикана вонредна седница со цел да се донесат новите одлуки со кои ќе се поништи целосната постапка и депонијата „Дрисла“ ќе се врати во владение на Градот.

„Тендерските постапки се уште поексплицитни и велат дека ако прворангираниот понудувач не го склучи договорот, а ние немаме можност да случиме договор бидејќи немаме со кого, Комисијата за спроведување на постапката ќе го покани наредниот рангиран понудувач да го склучи договорот, или дава предлог за поништување на постапката. Ова е можност која нашиот град не смее да ја пропушти. Имаме можност да ја вратиме концесијата на италијанскиот конзорциум, со кој имаме лошо искуство, но немаме обврска“, дополни Шилегов.

Град Скопје го избра конзорциумот предводен од „Шолц“ за концесионер на „Дрисла“ на 11 јуни годинава откако по шестгодишна судска битка беше раскинат договорот со италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ која пред осум години беше избрана да управува со депонијата.

Шилегов додаде дека ова претставува ретка можност Градот да излезе од правниот хаос кој е настанат поради несоодветното водење на претходната постапка, како и дека со овие одлуки Градот дополнително ги анулира можностите за потенцијални тужби за надомест на штета.
 

Содржината е прочитана 45 пати.