Бизнис вести

Во ССК е отворен првиот Центар за медијација

Во Центарот, што го отвора Комората на медијатори, редовно ќе се одржуваат предавања, презентации, работилници и обуки за бизнисмеите за да се запознаат со предностите што ги нуди медијацијата, односно мирното решавање на споровите

среда, 17 јули 2019

Во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) отворен е првиот Центар за медијација, по примерот на европските и земјите во светот, каде во рамки на коморите, функционираат Центри за медијација, со цел промовирање на принципот за пристап до правда за сите, како и исполнувањето на меѓународните стандарди, беше истакнато на денешната прес конференција на Сојузот.

Во Центарот редовно ќе се одржуваат предавања, презентации, работилници и обуки за бизнисмеите за да се запознаат со предностите што ги нуди медијацијата, односно мирното решавање на споровите.

Центарот го отвора Комората на медијатори која е формирана пред две години. Претседателот на оваа Комора, Славе Младеновски рече дека во наредниот период ќе се фокусираат на популаризација и промоција на медијацијата во интерес на граѓаните и правните субјекти. Тој ги повика бизнисмените да покажат интерес споровите да ги решаваат преку медијација. Бидејќи, како што рече, судската постапка за кој било спор не трае помалку од една година, најчесто многу повеќе, додека со медијацијата, законски постапката мора да заврши за 60 дена, а според досегашните искуства предметите што се решават со медијација завршуваат и до пет дена.

„Затоа што страните што доаѓаат во постапка на медијација однапред имаат предзнаење, а тоа е вештина на медијаторот, дека всусшност треба да дојдат да се договорат врз база на интересот. Таквиот пристап им овозможува на страните да си го дефинираат интересот и во неколку разговори таа постапка завршува на заемно задоволство. Она што го прави медијаторот, всушност, е што им помага да ја потпишат спогодбата на која се согласиле двете страни и потоа евентуално да ја заверат на нотар“, рече Младеновски.

Според нивни пресметки, соодносот на заштедените време и трошоци помеѓу медијација и судски спор е еден спрема десет.

Законот за медијација е донесен во 2006 година и до 2016 во постапка на медијација поминале околу 100 предмети. Нивниот број е значително зголемен во изминатите две години со формирањето на Комората на медијатори и сега, според нивната евиденција, има околу 2.000 предмети.

Потпретседателот на ССК, Александар Милошевски соопшти дека повеќе од 20.000 деловни субјекти кои членуваат во Сојузот ќе бидат запознати со придобивките на медијацијата во Центарот. Тој појасни дека кај стопанските спорови медијацијата е законски задолжителна ако паричното побарување не надминува 1.000.000 денари, односно странките во тој случај се должни пред поднесување на тужбата на суд да се обидат спорот да го решат по пат на медијација.

Предавањата што ќе бидат организирани во Центарот за медијација во ССК ќе ги водат лиценцирани медијатори и универзитетски професори. Програмата со предавања ќе им биде пратена на сите членки на ССК и ќе биде објавена на неговата веб-страница. Комората на медијатори и ССК најавија отворање вакви центри и во други градови во земјава.

 

Содржината е прочитана 37 пати.