Бизнис вести

„Хеленик Петролеум“ ја активираше тужбата, од Македонија бара 31 милиони долари

Конечната сума колку државава ќе треба да и плати на „Хеленик петролеум“ ќе се знае после пресудата која се очекува да биде донесена брзо, но, се претпоставува дека износот на крајот би се искачил на над 40 милиони долари

среда, 17 јули 2019

Грчката компанија „Хеленик петролеум“ ја активираше тужбата против Македонија пред Арбитражниот суд во Париз за наплата на 31 милион долари плус камати. Тужбата е поради непочитување на купопродажниот договор со рафинеријата „Окта“, склучен 1999 година со кој државава имаше обврска да откупува по 500.000 тони мазут годишно во период од 20 години, но од 2008 до 2011 македонските власти не откупувале толкава количина годишно.

Конечната сума колку Македонија ќе треба да и плати на „Хеленик петролеум“ ќе се знае после пресудата која се очекува да биде донесена брзо, но, се претпоставува дека износот на крајот би се искачил на над 40 милиони долари.

Од Владата велат дека не коментираат арбитражни постапки поради сензитивноста на процесот, но оти за сите нови информации јавноста ќе биде навремено информирана.

Инаку, ова е втора ваква тужба од „Хеленик петролеум“ пред судот во Париз. Првата тужба Македонија ја загуби и плати 40 милиони долари, иако пресудата беше за отштета од 86 милиони.

Што се однесува до штетниот договор за продажба на скопската рафинерија „Окта“ на грчки „Хеленик“, неговата важност истече во мај 2019 година. „Окта“ не работи од 2011 година и од тогаш таа не произведува, туку примарна дејност и е трговија со нафтени деривати.
 

Содржината е прочитана 126 пати.