Култура

Незаборавна вечер на „Охридско лето“ со Националната Опера и Балет

Примадоната на оперската сцена, Весна Ѓиновска Илкова, првенец на НОБ и редовен професор на Факултетот за музичка уметност заедно со нејзините колеги, солистите Благој Нацоски - тенор, Наде Талевска -сопран и Ирена Кавкалевска - мецосопран, во црквата „Света Софија“ пленија со своите раскошни гласови и внимателно одбраниот репертоар

вторник, 16 јули 2019

Богата програма од класичниот репертоар , од романтизам, преку класицизам и веризам понудија солистите на Националната Опера и Балет(НОБ) од Скопје на гала концертот што се одржа синоќа во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Примадоната на оперската сцена, Весна Ѓиновска Илкова, првенец на НОБ и редовен професор на Факултетот за музичка уметност заедно со нејзините колеги, солистите Благој Нацоски - тенор, Наде Талевска -сопран и Ирена Кавкалевска - мецосопран, во црквата „Света Софија“ пленија со своите раскошни гласови и внимателно одбраниот репертоар.

„Сметам дека јас и моите колеги дадовме програма што беше задоволителна и респектабилна за самиот настап. Многу ми е драго што во прилично ист состав работевме и минатата година, па и годинава. ’Охридско лето’ како престижен фестивал од светски размери е добро обмислен во однос на програмата. Токму затоа и ние дадовме програма која е на нивото на самиот реномиран Фестивал“ истакна сопранот Ѓиновска Илкова.

Македонскиот тенор Благој Нацоски кој ги освојува најпрестижните оперски сцени во светот смета дека за оперските пејачи многу важен детаљ кога е во прашање „Охридско лето“ е што Фестивалот пред 59 години е отворен со оперски глас.
„Токму во овој амбиент, во оваа црква, на 4 август пред 59 години првенката на Македонската Опера и Балет, Ана Липша Тофовиќ го прогласи фестивалот за отворен. Можеби звучи нескромно, но, за нас, оперските пејачи тоа е многу важно и предизвикува особено чувство и сатисфакција. Поради моите меѓународни обврски немам секогаш доволно време да го следам фестивалот, но она што го гледам во програмите, кој се’ настапува во изминатите години, сметам дека ’Охридско лето’ бележи огромен растеж“, изјави Нацоски кој за 10-ина дена настапува со рецитал на Сицилија, а во октомври и ноември и голема турнеја во Јапонија каде што со „Травијата“ ќе настапи во 14 претстави.

Солистите, диригентите и ансамблите на Националната Опера и Балет се редовни гости на „Охридско лето“ и за своите настапи секогаш се наградувани со бурни аплаузи од фестивалската публика.

 

 

Содржината е прочитана 44 пати.