Инфо

Во Охрид активиран електронски систем за евидентирање и регулација на движењето на возилата

На приодите кон Стариот дел на градот се поставени рампи и тоа кај Градската пошта, кај споменикот „Фаќач на крст" и кај црквата „Света Богородица Каменско“, а пристап до Стариот дел на градот ќе имаат само граѓаните што имаат обезбедено електронски картички

понеделник, 15 јули 2019

Во Охрид од денеска е активен електронскиот систем за евидентирање и регулација на движењето на возилата во Стариот дел на градот и на Градското пристаниште. Станува збор за обид за уредување на движењето на моторните возила во тој дел на Охрид, во текот на шпицот на сезоната кога во градот значително се зголемува бројот моторни возила.

За таа цел на приодите кон Стариот дел на градот се поставени рампи, и тоа кај Градската пошта, кај споменикот „Фаќач на крст" и кај црквата „Света Богородица Каменско“. Пристап до Стариот дел на градот ќе имаат само граѓаните што имаат обезбедено електронски картички, а помош при влез и излез на граѓаните ќе им дава вработен од ЈП „Билјанини извори“.

Испорака на роба во во тој дел на градот ќе може да се врши во врменескиот период од 5 до 10 часот, со тоа што и економските оператори што вршат достава на стока во овој дел ќе мора да обезбедат картички. Секој ден во период од 19 до 5 часот на улиците „Цар Самоил" и „Коста Абраш" ќе има целосна забрана за сообраќај, а целиот сообраќај ќе се одвива преку Горна порта и исклучниот пат за црква „Каменско".

Со новиот принцип на уредување на сообраќајот ќе профункционира и „премиум зоната" за паркирање во самиот центар на Охрид, каде час паркирање чини 100 денари.

Жителите на Стар град кои очекуваат гости ќе треба списокот гости да го достават во центарот кај премиум зоната за да им биде овозможен пристап, а без тоа нема да можат со возила да влезат во тој дел од градот.

Од општина Охрид најавија и дека ќе бидат испечатени и дистрибуирани флаери со детални упатства заради појаснување на процедурата.

Како што пренесува порталот „Охридњуз“, регулирањето на движењето на моторни возила во стариот дел на градот е една од препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО.
 

Содржината е прочитана 54 пати.