Култура

„Охридско лето“ ги обедини сите генерации

Спектакуларен почеток на 59-тото издание на Фестивалот со концерт на светски познатата виолинистка, Британката Ванеса Меј, за потоа викендот уживањето да продолжи со концерт на симфонискиот оркестар на Бријанск од Русија, како и со извонредното претставување на словенечкото народно гледалиште „Драма“ од Марибор со претставата „Самрак на боговите“

понеделник, 15 јули 2019

Со спектакуларен концерт на светски познатата виолинистка, Британката Ванеса Меј на 12 јули беше отворено 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Во преполниот Антички театар во Охрид, во присуство на претставници од државниот врв, министри, пратеници, амбасадори, како и огромен број домашна и публика од странство, Фестивалот го прогласи за отворен претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, кој е и негов покровител. Тој истакна дека во наредните 40 дена ќе бидеме граѓани на уште една заедничка татковина во која, како што рече, има место за секого и за ранливите и за исклучените и за обесправените, татковина во која се зборува на универзален јазик, а таа татковина е уметноста, чии граници се исцртани од човековата креативност.

„Музиката на Ванеса е гласно сведоштво дека наместо да се исклучуваат, различните културни влијанија можат да се надополнуваат создавајќи поголема вредност. И можеби токму затоа нејзината музика помирува и поврзува милиони луѓе од разни нации и генерации“, рече Пендаровски повикувајќи на храбри потфати кои ќе придонесат за зачувување на статусот на Охрид како град на УНЕСКО

„Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор“, порача претседателот Пендаровски.

Министерот за култура, Хусни Исмаили во своето обраќање рече дека фестивалот „Охридско лето“ е најголемиот амбасадор на културата во нашата држава.
„И годинава еве нѐ овде во грандиозниот Антички театар каде што и пред два милениума се ширела уметноста. Денешните уметници исправени пред нови предизвици на современото време, гордо ги продолжуваат традициите, ги кршат табуата, ги надминуваат предрасудите, и на најуниверзалниот јазик на човештвото извикуваат – ’уметноста е слобода’“, рече меѓу другото министерот Исмаили.


Уметничката порака на фестивалот „Охридско лето“ ја испрати театарскиот и филмски режисер Александар Поповски кој своето обраќање го посвети и на неодамна починатиот драмски писател Горан Стефановски.
„Не се живее вака. Милиони живеат во бункери. Sиркаат надвор низ нишан од снајпер. Нема живот ако човек мисли дека сите се против него. Дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме дека ни е тешко. На сиот Свет му е тешко. На сите нешто им недостасува. Сите се чувствуваат опколени од непријатели. Каде води тоа? Ако е така, нема спас. А без спас, нема живот. А без живот...нема ништо“, рече Поповски.

На отворањето на Фестивалот, пред бројата публика во Антички театар Ванеса Меј ја покажа својата раскошна виртуозност и оригинален пристап на свирење на виолина, приредувајќи фузија од класика со џез и електроника.

Во сабатата, музичката програма на „Охридско лето“ продолжи со концерт на симфонискиот оркестар на Бријанск од Русија, основан во 2011 година од страна на Едуард Амбарцумјан, уметник на Руската Федерација, кој е уметнички директор и диригент на ансамблот.

Синоќа, пак, словенечкото народно гледалиште „Драма“ од Марибор ја отвори драмската програма на Фестивалот, носејќи ја претставата „Самрак на боговите“ во режија на еден од најпродуктивните хрватски режисери Далибор Матаниќ. Иако „Самрак на боговите“ обработува исклучително тешка тема, фашизмот и безнадежните позиции и страдања на човекот во тоа време, актерите со својата извонредна театарска игра, на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ создадоа автентична театарска магија што беше наградена со бурни аплаузи.
 
Содржината е прочитана 146 пати.