Бизнис вести

ММФ отвора регионална канцеларија во Виена за Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора

Со оваа канцеларија ММФ тежнее за одржување блиски релации со четирите земји, како и со донаторите, меѓународните институции, вклучувајќи ја и Светска банка и австриската Влада, која е важен трговски и развоен партнер на регионот на Западен Балкан

петок, 12 јули 2019

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) отвора нова регионална канцеларија на резидентен претставник за зајакнување на односите со Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, со седиште во Виена. Ова го соопштила шефицата на мисијата на ММФ, Џесмин Рахман на средба со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Со оваа канцеларија ММФ тежнее за одржување блиски релации со четирите земји, како и со донаторите, меѓународните институции, вклучувајќи ја и Светска банка и австриската Влада, која е важен трговски и развоен партнер на регионот на Западен Балкан.

Со новата регионална канцеларија ќе раководи Стефани Ебле, која во моментот е шеф на мисијата на ММФ за Косово, а претходно работела во Украина, Грција, Србија и Босна и Херцеговина. Таа ќе ги надгледува локалните тимови во постојните канцеларии во Албанија, Косово и Северна Македонија, кои ќе продолжат со работа и понатаму, се наведува во соопштението на ММФ, што го пренесува Кабинетот на вицепремиерот.

На средбата со Рахман и со Себастијан Соса, раководител на канцеларијата на ММФ за Република Северна Македонија Анѓушев истакнал дека во првиот квартал годинава е забележан силен раст на БДП од 4,1 процент, што, како што рекол, е ако резултат на континуирани и комплементарни економски мерки со кои се стимулираат нови инвестиции, технолошки развој и внесување на иновации во компаниите, отворање на нови работни места и повисоки плати.

Според вицепремиерот ваквиот раст на БДП во првиот квартал се должи на реалната економија, на растот на индустриското производство од 6,7 проценти и на растот на извозот на компаниите од 14,7 отсто, но и на отворените над 50.000 работни места во последните две години, од кои 16.700 само во првиот квартал на годинава, како и на растот на платите од околу шест проценти на годишно ниво.

Притоа Анѓушев ги презентирал мерките од Програмата за економски реформи 2019-2021, со кои, како што навел, дополнително ќе се подобри бизнис климата и ќе се стимулира повисок и одржлив економски раст.
 

Содржината е прочитана 96 пати.