Култура

Вечер се отвора 59. издание на „Охридско лето“

Фестивалот официјално ќе биде отворен со концерт на светски познатата виолинистка, Ванеса Меј и Филхармонијата на Антички театар

петок, 12 јули 2019

Со концерт на светски познатата виолинистка, Ванеса Меј и Филхармонијата, вечер во 21 часот на Антички театар ќе биде отворено 59. издание на фестивалот „Охридско лето“. Меј ќе настапи заедно со оркестарот и со вокални солисти од Националната опера и балет (НОБ), под диригентската палка на Иван Кожухаров од Бугарија.

Британката Ванеса Меј, на своите концерти свири на два типа виолини, класичен модел на Гуадагнини од 1961 година, чија вредност се проценува на 150 илјади фунти ина електрична виолина Zeta Jezz. Таа стекнува светска слава со оригиналниот начин на свирење создавајќи фузија од класика со џез и техно, со цел класичната музика да ја доближи до пошироката јавност. Чудото од дете својот прв солистички концерт го има на само 9 години, на 10 веќе настапува со симфониски концерт, а до својата 13 година има објавено 3 албуми. Досега свирела на многу атрактивни локации како: Кремљ во Москва, Хајд Парк во Лондон и Акропол во Атина, настапувала на спортски настани, на егзотични локации, меѓу кои на замрзнатото езеро во Сан Мориц, на Ленстер сквер во Лондон за прославата на кинеската Нова година, на одбележувањето на 250 годишнината од раѓањето на Бах во палатата „Ст. Џејмс“… Меј има продадено повеќе од 10 милиони албуми и добиено 40 интернационални награди, додека нејзините концерти се пренесувани во повеќе од 100 земји во светот. Во 2006 е рангирана како една од најбогатите млади изведувачи со заработка од над 32 милиони фунти.

Покрај Ванеса Меј, вљубениците во уметноста низ 40-те фестивалски денови на „Охридско лето“ ќе имаат можност да уживаат во над 40 културни настани на светски и на домашни познати имиња на сцените на Антички театар, на Долни Сарај во црквата „Света Софија“, но и во нејзиното преддворје, во Центарот за култура „Григор Прличев“, како и на други локации низ Охрид.

Во музичкиот дел од програмата на Фестивалот се гала оперскиот концерт на Националната опера и балет, на Камерен оркестар на МММ „Саша Николовски Ѓумар“ под диригентска палка на Олег Кондратенко, настап ќе имаат гитаристите Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ, Гудачки квартет „Асасело“ од Германија, Камерниот оркестар Софиски солисти од Бугарија, ансамблот „Дорико“ од Италија, квартетот „Терем“, како и српските уметници Стефан Миленковиќ на виолина и Владимир Милошевиќ на пијано, Русите Денис Шаповалов на виолончело и Александер Вершинин на пијано, Елена Папандреу на гитара од Грција и други.

И годинава ќе има Руска вечер со Симфонискиот оркестар на Бријанск, под диригентската палка на Едуард Амбартцумјан, Полска вечер со пијано трио „Пендерецки“, вечер на Европската унија со Мустонен Оли – пијано, Украинска вечер со Божена Корчинска со украинска надолжна флејта и Богдан Кожушко на хармоника.

Во рамките на драмскиот дел на „Охридско лето“ ќе има бројни претстави во изведба на повеќе театри од неколку држави, додека Фестивалот ќе биде свечено затворен на 20 август со изведба на театрската претстава „Одисеј“ од Горан Стефановски во режија на Александар Поповски и во продукција на: ГДК „Гавелла“ Загреб, театар „Улисис“ -Бриони, Српски народен театар, Нови Сад, СНГ „Драма“ Марибор, „Арелје 212“, Белград, „Стеријно позориште“, Нови Сад, театар „Навигатор“, Скопје.
 
Содржината е прочитана 60 пати.