Бизнис вести

На 200 илјади компании им е обезбеден пристап до 17.000 инвеститори

Македонија преку Македонска берза е прва земја од Западен Балкан која ќе има пристап до интернет платформата Фандербим за финансирање, која функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – краудфандинг

четврток, 11 јули 2019

Околу 200.000 приватни компании имаат можност да се поврзат со 17.000 инвеститори за финансирање на бизнисот и тоа преку интернет платформата Фандербим достапна преку Македонската берза. На тој начин македонските претпријатија добиваат шанса да обезбедат финансии, додека инвеститорите, пак, да вложат во проекти за кои сметаат дека се потенцијално добар бизнис.

Концептот на прибирање средства од голем број инвеститори за финансирање на компаниите (краудфандинг) денеска им беше претставен на компаниите членки на Сојузот на стопански комори (ССК), со цел да се подигне свеста за различните модели на финансирање. На презентацијата Македонската берза и ССК потпишаа Меморандум за соработка.

„Преку оваа платформа македонските стартапи, но и малите и средни претпријатија добиваат можност за пазарно финансирање, локално и глобално, во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори прилика да вложат во бизнис проекти во кои ќе препознаат добар потенцијал“, рече директорот на Берзата, Иван Штериев.

Габирела Кулебанова, потпретседател на ССК истакна дека Сојузот има за цел да ги направи подостапни сите можности кои се нудат за влез на средства во домашните компании, со долгорочна цел – градење силен национален приватен сектор.

Интернет платформата Фандербим функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – краудфандинг, а Македонија преку Македонска берза е прва земја од Западен Балкан која ќе има пристап до оваа платформа.
 

Содржината е прочитана 61 пати.