Култура

Јоргос Арванитис втор добитник на „Златна камера 300“ за животно дело

Првиот добитник на „Златна камера 300“ за животно дело е американскиот кинематографер и режисер Едвард Лакман, а наградите на двајцата лауреати ќе им бидат доделени на отворањето и на затворањето на „Браќа Манаки“

среда, 10 јули 2019

Вториот лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело на годинашното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е Јоргос Арванитис, француско-грчки кинематографер, филмски уметник кој работел со големи имиња, соопшти директорката на „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска на денешната прес-конференција посветена на јубилејно издание на Фестивалот што ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола.

Првиот добитник на „Златна камера 300“ за животно дело е американскиот кинематографер и режисер Едвард Лакман кој со децении е на врвот на светските кинематографери.

„Оваа година и двајцата добитници на наградата за животно дело ќе бидат во Битола и Златната камера ќе им биде доделена на отворањето и на затворањето на Фестивалот и на тој начин ќе го означиме почетокот и крајот на 40-тото издание на најстариот филмски фестивал во Република Северна Македонија“, рече Теодосиевска.

Арванитис , како што посочи директорката, за себе вели дека е грчки Французин или француски Грк така што ние го сметаме за наш човек, човек на ’Браќа Манаки’ и член на клубот на великаните.

Според советникот за медиуми и комуникација во амбасадата на Република Грција, Константинос Прокакис oдносите меѓу Грција и Северна Македонија неодамна постигнале многу добро ниво на меѓусебно разбирање и смета дека филмската индустрија е многу добра точка за почеток. Порача дека се почестени што еден грчки кинематографер како што е Јоргос Арванитис е одбран на многу познат фестивал како што е „Браќа Манаки“ и најави дека во грчката амбасада веќе планираат во октомври да организираат грчка фестивалска недела во Скопје.

Директорот на Францускиот институт и советник за култура при амбасадата на Република Франција, Емануел Рендер вели дека е среќен поради изборот на кинематографер поради тоа што Арванитис е повеќе од значаен уметник.
 

Содржината е прочитана 34 пати.