Бизнис вести

„fDi Intelligence“: Северна Македонија забележа раст од 200 отсто на гринфилд проекти

Србија води во регионот со рекордни 5,98 милијарди долари инвестирани во 105 гринфилд проекти

среда, 10 јули 2019

Република Северна Македонија од јуни 2018 до мај 2019 година привлекла 184,4 милиони долари гринфилд инвестиции, што претставува раст од 200 отсто на гринфилд проекти, покажуваат податоците на „fDi Intelligence“, специјален сервис на „Financial Times“.

Според извештајот за глобалните гринфилд инвестиции, земјите од Западен Балкан лани забележаа прилив од 9,36 милијарди долари странски директни инвестиции и тоа е најголем износ во последните 10 години. И покрај тоа што остана надвор од ЕУ, регионот привлече 147 гринфилд проекти за СДИ во 2018 година, што е најголем број на инвестиции за шест години.

Со рекордни безмалку 6 милијарди долари, поточно со 5,98 милијарди долари инвестирани во 105 гринфилд проекти, прва во регионот е Србија, со 70 проценти во уделот. Албанија привлекла 809,9 милиони долари гринфилд инвестиции, што е 80 отсто повеќе во однос на истиот период претходната година. Црна Гора лани привлекла 11 гринфилд инвестиции, додека Босна и Херцеговина само 4 гринфилд инвестиции, што претставува удел од 11,6 проценти.

Извештајот на „fDi Intelligence“ за гринфилд инвестициите на глобално ниво за 2019 година покажува раст од 42 проценти на вкупно 662,6 милијарди долари. Истовремено, бројот на проекти е зголемен за седум отсто, а отворањето на нови работни места за 25 проценти.
 

Содржината е прочитана 33 пати.