Култура

Промовирана книгата „Лет со умот кон папокот на универзумот“ на Љубомир Грбевски

Книгата што ја објави Дирекцијата за култура и уметност-Скопје во рамки на Скопско лето е составена од три пиеси „Лет со умот кон папокот на универзумот“, „Здодевна бајка“ и Шумско востание“

петок, 05 јули 2019

Денеска беше промовирана најновата, четврта книга „Лет со умот кон папокот на универзумот“ на новинарот, поет и драмски автор Љубомир Грбевски.

Книгата што ја објави Дирекцијата за култура и уметност-Скопје во рамки на Скопско лето е составена од три пиеси „Лет со умот кон папокот на универзумот“, „Здодевна бајка“ и Шумско востание“.

Инспириран од класичните бајковити ликови од богатата литература авторот ги спојува овие ликови со современите одгласи според вкусот на денешните деца чиј речник е преполнет со зборови од модерната технологија и со нововременски жаргони.

„Во книгата е употребена нова форма - рима со прескок, но и рима во еден стих и со модерен жаргон. Да се пишуваат нови бајки значи да се пародираат познатите модели на старите класични бајки со микс од модерни зборови на новиот млад читател“, истакна Грбевски на промоцијата на книгата.

Промотор на ова последно дело на Грбевски беше писателот Стево Симски, кој го истакна токму тој квалитет – пронаоѓањето нови зборови и жаргони и појасни дека во книгата има над 3.340 стихови во рима, а играта на авторот од архаичното во литературниот јазик до жаргонското му дава особен белег на ова дело.

Промоцијата ја збогатија актерите Елизабета Клинчаревска Младеновска и Кирил Трајковски – Максим кои изведоа одломка од „Здодевната бајка“ со музичка поддршка од гитарата на Јаков Дренковски.
 
Содржината е прочитана 68 пати.