Инфо

Вкупно 57.973 корисници досега ја симнале апликацијата МојДДВ, прочитани се вкупно 433.204 сметки

Според пресметките на УЈП, за поврат од 600 денари месечно од ДДВ, едно лице треба да оствари промет во висина од 26.600 денари од сметки со 18 отсто ДДВ

петок, 05 јули 2019

Мерката за поврат на 15 отсто ДДВ веќе ги дава првите посакувани ефекти од нејзината примена во однос на издавањето фискални сметки и справувањето со сивата економија. Досега вкупно 57.973 корисници ја симнале апликацијата МојДДВ од веб-страницата на УЈП, при што се прочитани вкупно 433.204 сметки за остварен промет во вредност од околу 240.978.000 денари, со околу 7 милиони денари поврат на ДДВ или близу 120 илјади евра.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска на денешната средба со новинарите рече дека единствен проблем во моментов е тоа што апликацијата не може да ја симнат корисниците на „ајфон“. Но таа очекува тоа да биде решено и во секој момент апликацијата МојДДВ да биде достапна и за корисниците на „ајфони“ на веб страницата на „Епл стор“.

Лукаревска потенцираше дека во првите пет дена граѓаните имале најголеми проблеми со скенирање на сметките од големите маркети поради нејасни бар кодови, но за тоа проблемот не бил до УЈП, туку до аортизацијата на фискалните апарати. Затоа УЈП апелира сите ДДВ обврзници, особено големите маркети навремено да ги сервисираат нивните фискални апарати за да се избегнат вакви ситуации.

„ Граѓаните кои имаат проблем со читање на бар-кодовите од фискалните сметки проблемот можат да го надминат ако ваквите сметки ги прочитаат на апаратите на киосците и бар-код читачите кои функционираат беспрекорно и многу подобро од читачите на телефоните, а постои и можност бар-кодовите на ваквите нечитливи сметки да се внесат рачно за што корисникот треба да се упати во некои од регионалните и подрачните канцеларии на УЈП, каде наш службеник ќе помогне за рачно да се внесе баркодот“, рече Лукаревска.

Од УЈП уверуваат дека безбедноста е на максимално ниво и граѓаните не треба да се плашат, бидејќи изјави за доверливост се потпишани од страна на сите институции за заштита на личните податоци, а системот не навлегува во податоците на даночниот обврзник, освен трансакциската сметка која е во системот како би можеле да се исплатат парите од повратот на ДДВ. Појаснуваат дека доколку физичко лице се обиде да скенира сметка која е на име на фирма, на тоа физичко лице ќе му биде изречена глоба до 250 евра.

Инаку, според пресметките на УЈП за поврат од 600 денари месечно од ДДВ едно лице треба да оствари промет во висина од 26.600 денари од сметки со 18 отсто ДДВ.

Првата исплата на парите ќе биде во декември и тоа за месеците јули, август и септември. Едно лице може да поврати максимум 1.800 денари за три месеци.
 

Содржината е прочитана 74 пати.