Инфо

УНЕСКО му даде рок на Охрид до февруари да го реши проблемот со дивоградбите ако сака да остане заштитено подрачје

УНЕСКО испорача низа барања, меѓу кои најважно е да се прогласи мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на Охридското Езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација

петок, 05 јули 2019

Охрид засега се спаси, нема да биде прогласен за загрозено подрачје и останува на листата на УНЕСКО како заштитено природно богатство. Градот Охрид и државата имаат рок до февруари наредната година да ги спроведат препораките за заштита на природните богатства.

Ова беше одлучено на 43.сесија на УНЕСКО што се одржува во Баку, Азербејџан.

„Власта до 1 февруари 2020 да поднесе до Комитетот за светско наследство нов извештај за зачувување на имотот, за испитување од Комитетот за светско наследство на 44. сесија во 2020 година, со можност, во случај да се утврди опасност на нејзината унверзална вредност, да се вметне во листата на Светско наследство во опасност“, е заклучокот во Баку.

УНЕСКО испорача низа барања до државата, меѓу кои најважно е да се прогласи мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на Охридското Езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација.

Претставниците на Комитетот на УНЕСКО и на Меѓународната Унија за конзервација на пририродата (IUCN) побараа Охрид да биде прогласен за загрзено наследство затоа што „најголем дел од препораките не се исполнети“, потсетувајќи на нивните препораки уште од 2013 година.

Но, делегацијата од Македонија предводена од министерот Едмонд Адеми ги убедувала дека дел од дивоградбите кои се во изградба се стопирани. Адеми рекол дека Владата ја запрела изградбата на ски-центарот на Галичица, дека редовно се проверува квалитетот на водата и дека е формиран Координативен тим кој ќе работи на исполнување на сите препораки.

Невладината „Фронт 21/42“, пак, нотира дека од ноември 2017 до април 2019 година се легализирале 250 дивограби, додека инспекциските служби во Охрид констатирале нелегална градба кај 1.078 предмети, од кои 409 се во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица" и во Стариот дел на градот.
 

Содржината е прочитана 115 пати.