Инфо

Стартуваше електронскиот систем за наплата на патарина на Коридорот 10

На Романовце, Отовице, Сопот и Градско, како и на наплатната станица Петровец правните и физичките лица можат да ја плаќаат патарината со купување бесконтактни смарт-картички или со уред за електронска наплата на патарина (ТАГ)

четврток, 04 јули 2019

Од вчера на Коридорот 10 функционира електронскиот систем за наплата на патарините Романовце, Отовице, Сопот и Градско, како и на наплатната станица Петровец.

Правните и физичките лица можат да ја плаќаат патарината со купување бесконтактни смарт-картички или со уред за електронска наплата на патарина (ТАГ). Со смарт-картичките плаќањето се прави само со приближување на картичката до читачот, додека уредот за електронска наплата овозможува плаќање без застанување. Засега и двата начина на плаќање се овозможени на петте наплатни станици на Коридорот 10, додека новите две наплатни станици, Демир Капија и Гевгелија треба да бидат пуштени во употреба во текот на оваа година.

Електронските уреди (бесконтактни смарт-картички или уред за електронска наплата) може да се купат на секоја сообраќајна лента на наплатните станици и во контролниот центар Петровец, а можат да се надополнуваат на секоја сообраќајна лента на наплатните станици, во контролниот центар Петровец и на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта.

Цената на бесконтактните смарт-картички изнесува 100 денари и минималниот износ за дополнување при купување, како и за секое наредно надополнување е 300 денари. Цената, пак, на еден уред за електронска наплата на патарина (ТАГ) изнесува 1.200 денари, а минималниот износ за дополнување при купување и за секое наредно надополнување е 300 денари.

Со секое наредно надополнување на бесконтактните смарт-картички и на таговите корисниците добиваат попуст на надополнетиот износ на патарина кој се пресметува при секое поминување на наплатна станица, а се движи од 2 до 7 проценти во зависност од висината на сумата што се надополнува.

Доколку патникот не ја плати патарината, или на кој било начин одбива да го стори тоа, му се издава билет за ненаплатена патарина со налог за плаќање во рок од 24 часа од моментот на издавањето (треба да се дополни по 24 часа, доколку не плати). Билетот за ненаплатена патарина со налог за плаќање се издава на наплатните станици на кои е воведен електронскиот систем за наплата на патарина. Патниците на кои им е издаден билет за ненаплатена патарина со налог за плаќање можат истиот да го платат на секоја сообраќајна лента на наплатните станици каде што се врши продажба и надополнување на електронските уреди, во контролниот центар Петровец и на веб-страницата на ЈП за државни патишта, како и во банка.
 

Содржината е прочитана 67 пати.