Култура

Во петок ќе биде промовирана „Лет со умот кон папокот на универзумот“ од Љубомир Грбевски

Четвртата книга на Грбевски содржи три драмски новобајковни текста за деца и за тинејџери пишувани во стихови со комедиографски перформанси

среда, 03 јули 2019

Најновата книга на Љубомир Грбевски „Лет со умот кон папокот на универзумот“ ќе биде промовирана во петок во 12 часот во градската кафеана „Пелистер“ во рамките на манифестацијата „Скопско лето“.

Промотор на книгата ќе биде писателот Стево Симски, а музичката поддршка ќе биде од Јаков Дренковски. Делови од пиесите ќе изведат актерите Елизабета Клинчаревска Младеновска-Ели и КирилТрајковски-Максим.
Книгата содржи три драмски новобајковни текста за деца и за тинејџери „Лет со умот кон папокот на универзумот“ (пиеса што ѝ го позајмува името на целата книга), „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“ (една бајковидна басна) кои се пишувани во стихови со комедиографски перформанси. Станува збор за пародирани и деконструирани класични бајки и одново конструирани и стокмени со нов наратив и со современ сленг јазик на „новите клинци“, нивниот „новојазик“.

По неговата претходна книга „Бајки тралалајки - за урбани клинци и напредни мајки“ која содржи шест драмски текста, ова писание е некакво логично продолжение на истиот волшебен свет на принцезите, витезите, кралевите и кралиците, џиновите, змејовите, џуџињата и маѓосниците други чудни и надреални суштества во едено анахроно опкружвање на новите технолошки „чудесии“ - мобилни телефони, таблети и сл. кое го таргетира овој автор.

„Лет со умот кон папокот на универзумот“ е четврта книга по ред на Љубомир Грбевски. Тој претходно ги објави „Стихови празни и рими безобразни“ (1991), „(Хоро)скопски шеми“ (2009) и „Бајки тралалајки - за урбани клинци и напредни мајки“ (2016).
 
Содржината е прочитана 118 пати.