Бизнис вести

„Дистрибуција на топлина“ ќе поднесе тужба за клевета против БЕГ

Од фирмата ќерка на „Топлификација АД“ велат дека ќе бараат сериозна финансиска отштета

петок, 28 јуни 2019

„Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ ќе поднесе тужба за клевета против БЕГ за изнесување невистини, е реакцијата на оваа компанија на денешното соопштение на БЕГ во кое се потсетува дека во октомври лани била поднесена тужба против „Топлификација“ и нејзината фирма ќерка „Дистрибуција“ поради, како што се појансува непочитување на Договорот од 2000 година според кој требало да инвестираат во мрежата, но тие не го сториле тоа.

Од „Дистрибуција на тоиплина“ велат дека за оваа клевета ќе бараат сериозна финансиска отштета.

Оттаму тврдат дека од БЕГсе изнесени невистини со цел, како што потенцираат, да се амортизира ефектот од кривичните пријави против „Дистрибуција на топлина БЕГ ДООЕЛ и ТЕ-ТО АД , поднесени од МВР и Управата за финансиска полиција.

Според „Дистрибуција“, за да биде точна информацијата што ја пласира БЕГ, треба ниедна државна институција надлежна за дистрибутивната мрежа да не работела ништо во изминатите 15 години. Потсетуваат дека извршувањето на обврските согласно договорот за користење на мрежата во периодот од 1999 до 2012 година, освен од договорната страна надлежна за дистрибутивната мрежа, се контролираа по повеќе основи и од повеќе други надлежни институции и субјекти.

„’Топлификација АД’ извршуваше регулирани дејности за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Во периодот до 2003 година Министерството за економија го контролираше работењето на ’Топлификација АД’ и извршувањето на сите финансиски активности, бидејќи тоа Министерство беше надлежно за определување на цената која ја плаќаа крајните корисници на топлинска енергија. Неизвршувањето на било каква финансиска обврска која е предвидена со цената на топлинската енергија сигурно ќе била санкционирана од надлежната институција за формирање на цената. По 2003 година функцијата на контрола и определување на цената на топлинската енергија ја презеде Регулаторната комисија за енергетика. При определувањето на цената на топлинската енергија која во еден период се правеше два пати годишно, а потоа еднаш годишно, основен елемент на контролата се остварените финансиски резултати и исполнувањето на финансиските обврски на носителот на лиценца во контролираниот период“, објаснуваат од „Дистрибуција“.

Освен надворешните контроли на работењето на Топлификација АД, додаваат од „Дистрибуција“, во оваа фирма која го замислила и реализирала ТЕ ТО АД и која направила управување на дистрибутивната мрежа од еден центар за над две илјади подстаници во 2006 година, а ниеден друг топлификационен систем во регионот тоа го неимала има и внатрешни механизми на контрола на процесите. Појаснуваат дека „Топлификација АД“ по завршувањето на процесот на приватизација во средината на 2001 година стана прва котирана компанија на Македонската берза, позиција која што бара целосна транспарентност и контрола на работењето поради обврските кон пазарот на хартии од вредност.

Од „Дистрибуција“ велат дека контролата на финансиите на котираните фирми е главниот инструмент на пазарите за хартии од вредност со цел купувачите на хартии од вредност да бидат сигурни дека котираната фирма, а особено супер котираната, нема никакви неизвршени обврски или долгови по потпишани договори.

„Во сите ревизорски извештаи на ’Топлификација АД’ во периодот 1999 до 2012 година нема никаква забелешка од ревизорите дека компанијата има било каква неизвршена финансиска обврска во врска со потпишани договори“, се вели меѓу другото во реакцијата на „Дистрибуција на топлина“.

 

Содржината е прочитана 71 пати.