Бизнис вести

БЕГ: „’Топлификација’ нанесе штета од 10 милиони евра, институциите да преземат мерки“

„Балкан енерџи груп“ преку соопштение потсети на кривичната пријава што ја поднесе лани против „Топлификација“ АД и нејзината фирма ќерка „Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ за нанесување штета на имотот на државата

петок, 28 јуни 2019

„Балкан енерџи груп“ (БЕГ) преку соопштение потсети на кривичната пријава што ја поднесе лани против „Топлификација“ АД и нејзината фирма ќерка „Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ за нанесување штета на имотот на државата во износ од 10 милиони евра.

Од БЕГ појаснуваат дека во согласност со договорот за користење на дистрибутивната мрежа, склучен во 2000 година помеѓу „Топлификација“ АД и Агенцијата за приватизација на РМ, „Топлификација“, а подоцна и „Дистрибуција на топлина“ ДООЕЛ била должна средствата пресметани од амортизација на топлинската мрежа во периодот од 1999 до 2013 година да ги употреби за инвестициско одржување и проширување на топлинската мрежа. А, во согласност со договореното, средствата што немало да бидат потрошени за оваа намена требало да ѝ бидат дадени на располагање на Агенцијата за приватизација, сега АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката – Скопје (АДСДП).

Меѓутоа, како што тврдат од БЕГ, „Топлификација“ не ги вложила во инвестициско одржување на средствата од амортизацијата на топловодната мрежа, а не ги ставиле ниту на располагање средствата што не се потрошени за оваа намена, со што ѝ нанеле штета на државата во износ од 10 милиони евра.

Оттаму додаваат дека ова се гледа од инвентарната книга на дистрибутивната топловодна мрежа, каде што се забележува дека во периодот од 1999 година до 2013 година вредноста на дистрибутивната тополоводна мрежа е намалена 10 милиони евра.

„Фактот дека парични средства не се пренесени на Агенцијата за приватизација и АДСДП е потврден и од АДСДП, кои пријавија побарување во стечајната постапка на ‘Топлификација’ АД во висина од 9,8 милиони евра, бидејќи, како што е наведено во пријавата, „Топлификација“ АД им го должела наведениот износ поради неисполнување обврски од договорот за користење на дистрибутивната топловодна мрежа“, велат од БЕГ и ги повикуваат истражните органи, Финансиската полиција, како и Основното јавно обвинителство во најбрз можен рок да ги преземат сите неопходни дејства со цел да ѝ се надоместат штетите нанесени на Република Северна Македонија.

 

 

Содржината е прочитана 164 пати.