Инфо

Цената на струјата за домаќинствата останува иста

Ќе има промени кај преносните тарифи на операторите на дистрибутивниот и на преносниот систем

петок, 28 јуни 2019

Цената на електричната енергија за домаќинставата нема да се менува по 1 јули кога официјално стартува со работа универзалниот снабдувач и ќе остане иста како и досега.

„Нема промена на цената на струјата, граѓаните можат да останат мирни. Како што и најавивме, нема ниту ценовен шок, ниту, пак, какви било корекции. Сѐ останува како што е досега, нормално, освен што од понеделник 1 јули почнува со работа новиот универзален снабдувач кој ќе им испорачува струја на домаќинствата по регулирана цена“, изјави за Дојче веле Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Тоа значи дека во скапа тарифа цената за киловат час ќе биде 5,54 денари, а во евтина тарифа 2,78 денари за киловат час. Кај броилата кои се на една тарифа и кај кои нема скапа и евтина струја цената ќе биде 4,45 денари за потрошен киловат час.

Во пресметката на универзалниот снабдувач влегуваат трошоците за набавка на струја, за пренос кон МЕПСО, трошок за дистрибуција и плус маржата од 11, 5 проценти добиена на тендер за избор на универзаелен снабдувач.

Од први јули универзалниот снабдувач ќе има обврска да обезбеди струја за сите домаќинства кои со либерализацијата не излегоа на слободен пазар. Сметките отсега нема да доаѓаат од ЕВН Македонија, туку од ЕВН хоум, фирма ќерка на ЕВН Македонија.

Кај кај учесниците во системот на регулирани цени кои ги определува РКЕ ќе има промени кај преносните тарифи на двата оператори и на дистрибутивниот и на преносниот систем. Операторот на дистрибутивен систем „Електродистрибуција“ ќе добие просечна цена од 1,49 денари за киловатчас дистрибуирана електрична енергија, што претставува зголемување за 5,4 отсто, додека преносниот оператор МЕПСО за преносната тарифа која вклучува одржување, надградба и управување со преносната мрежа (од која превземаат дистрибутивните мрежи) ќе добива 0,176 денари за пренесен киловат час, што е за 14 отсто помалку во однос на цената што важеше досега. Ова намалување нема да се одрази на домаќинствата, но затоа, пак, ќе го почувствуваат компаниите кои се снабдуваат с струја по пазарни цени од снабдувачи.

Цените на струјата ќе бидат усогласувани еднаш годишно од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
 

Содржината е прочитана 61 пати.